Марко Николиќ промовираше албум во Скопје, па направи топ забава за македонската публика
- Детали
- понеделник, 27 ноември 2023
Српскиот пејач Марко Николиќ сношти на домашната публика и го претстави својот студиски материјал насловен „Доѓи да те волим“. Во одлична атмосфера заедно со својот бенд Марко првично ги отсвире песните од новиот албум, а потоа, како што рече, отсвире и нешто за душа.
Се пееше сè, па и една од Тоше Проески, неговиот омилен пејач, а Николиќ ја запеа и „Македонско девојче“. Присутните на промоцијата, пак, буквално од првиот до последниот такт му возвраќаа со едногласно пеење и овации, а атмосферата навистина необична за една музичка промоција - позитивна, топла, разиграна - едноставно неверојатна.
Меѓу нив и познати лица - тука беше Дарио со семејството кому српскиот пејач му го честиташе 40-годишниот музички јубилеј, младата пејачка надеж Ивона Јо, како и Ана Бучевиќ, сопругата на Марко, инаку мотивациски говорник чие присуство беше особено интересно за присутните на промо-свирката, па не се знаеше со кого попрво сакаат да се фотографираат со ѕвездата на вечерта или со неа.
Музичката кариера на Марко почнува уште во детството кога во дуетот Мармаја заедно со сестра му Маја Николиќ настапувал по бројни детски фестивали и освоил многу награди ширум цела поранешна Југославија.
Завршил музичко училиште во Ниш, каде е и роден, а во 1997 година ги започнува студиите во Грац, каде дипломирал на отсекот Џез и соло пеење.
Оттогаш активно компонира и пишува текстови за некои од најголемите музички имиња во соседството како Драгана Мирковиќ, Дејан Матиќ, Бобан Рајовиќ, сестра му Маја, а неговата музика потпишува и бројни ТВ-спотови и документарни филмови.
Особено е горд на музиката за документарецот за кралското семејство и дворецот Вадуз во Лихтенштајн. Во 2002 година се сели во Виена каде и денес живее заедно со семејството.