Музичката легенда Принц почина на 57-годишна возраст
Принц, музичката икона која создаваше поп хитови во текот на четири различни декади, почина на возраст од 57 години.
Шокантната вест беше потврдена од страна на неговиот публицист, кој изјави дека Принц починал во неговиот дом лоциран во Пејсли парк, во непосредна близина на Минеаполис.
Причините за смртта се сè уште непознати и полицијата врши истрага.
Музичарот бил накратко хоспитализиран во петокот, бидејќи се борел со грип.
Тажната вест потресе многумина, не само музичките фанови на великанот. Десетици луѓе веднаш откако ја слушнале веста, спонтано се собрале пред имотот на Принц, сакајќи да му оддадат последна почит.
Новинарката Андреа Свенсон која се запознала со Принц за време на снимањето на неговиот филм „Purple Rain“, го опишала музичарот како „срамежлив, чувствителен и – кокетен“.
Принц ја промени играта на популарната музика. Како и сите големи музичари, тој постојано го трансформираше својот звук, со неверојатна страст и индивидуалност, инспирирајќи генерации.
Добитник на 7 Греми награди и Оскар за најдобра оригинална песна за истоимениот филм „Purple Rain“ во 1984-та година, Принц беше музички камелеон и исклучително сестран уметник – пејач, инструменталист, текстописец и актер.
Меѓу неговите најголеми хитови се вбројуваат „When Doves Cry“, „Kiss“, „Let's Go Crazy“, „Cream“, „U Got the Look“, „Purple Rain“, „The Most Beautiful Girl in the World“...
Тој ја редефинираше и ја промени музичката сцена засекогаш. Она што Принц му го остави на светот, ќе живее вечно.
(О)Милена | Црнобело