Виктор Апостоловски со втор албум Во срцето и нов спот за синглот Убиј ме
Македонскиот идол Виктор Апостоловски на својот 28-ми роденден го промовираше неговиот втор албум насловен како Во Срцето. Во присуство на артисти, медиуми и пријатели Виктор ги испеа сите песни од албумот кој содржи 11 композиции. Албумот е комплетно авторско дело на Апостоловски, а само за песната Ни јас, ни ти во соработка е со Панче Касапски, Огнен Неделковски и Илија Ќосевски.
„Во срцето, вистински ми е во моето срце затоа што како албум го подготвував четири години со оглед на ангажманите кои ги имав постојано за разни музички проекти кај нас и во странство, поточно за театарски претстави и кратки филмови кои ми беа вистински предизвик. Сигурен сум дека ќе уживате во моите музички дела и ќе ги пееме сите заедно“ изјави Виктор Апостоловски.
Новиот видео запис на Виктор е снимен во бодибилдинг и фитнес клубот Магнус и Визура Хоум. Камерата е на Синиша Ќирковиќ - Сики и Влатко Симоновски, како главна улога во спотот се појавува кик бокс шампионката Викторија Варадинова.
„Ако насловот ви звучи остро, тогаш видеото уште повеќе ќе ве изненади. Оваа песна и спот се мое комплетно дело. Во спотот ексклузивна можност имаше да ме “претепа“ преубавата кик бокс шампионка Викторија Варадинова. Сакам да ви откријам дека оваа песна беше готова уште пред 4 години и до сега сменив многу сценарија за спотот, така што на крајот одлучив со видеото да направам буквален превод на текстот, односно во текстот се зборува за психичка тортура, а во спотот гледаме физичка“ додава Виктор.
Виктор во моментов го подготвува својот следен видео запис, нови песни и настапи во странство, Словенија, Холандија и Грција.