Македонски пејачки кои драстично ослабеа - Што им помогна и како им успеа?
Тамара Тодевска, Ивона Јо, Антониа Гиговска, Наде Талевска, Мијата... Ова се дел од пејачките на нашата сцена кои направија трансформација на изгледот. Со диета, режим на исхрана, редовни тренинзи, трпение и упорност овие македонски пејачки успеаја својата линија да ја доведат до совршенство.
Славните личности постојано се под притисок во секоја пригода да изгледаат совршено.
Сите имаат мислење за нив и сите сметаат дека имаат право да ги осудат поради изгледот.
И самите се свесни за нивното влијание врз младите и на тоа како нивното однесување влијае врз начинот на живот на луѓето кои ги сакаат и следат.
Нивниот живот е динамичен и стресен. Немаат многу време да се наспијат и да си го посветат себеси.
Меѓутоа, има и такви кои одлучиле да се посветат на здравиот начин на живот и да вежбаат.
Овие македонски пејачки со својот пример покажаа дека сѐ е можно кога се сака и кога си посветен:
Антониа Гиговска
Антониа во моментов е една од најпопуларните млади пејачки во земјава.
Талентот кој го поседува уште на почетокот на кариерата ја вивна меѓу ѕвездите, а секоја нејзина песна веднаш станува хит.
Со многу упорност, вежбање и режим на исхрана Антониа успеа да ослабе дури 25 килограми за 2 месеци.
Целиот процес на слабеење Антониа го сподели на социјалните мрежи.
Се чини дека овој начин на живот ѝ помогна да ја задржи витката линија и по породувањето и да не се врати на старата тежина.
Наде Талевска
Познатата македонска поп и оперска пејачка успеа да ослабе дури 20 килограми со помош на хроно исхрана.
Како што самата изјави за медиумите, и покрај тоа што не се придржувала строго кон исхраната и мамела, сепак постигнала високи резултати.
И по раѓањето на третото дете, пејачката повторно изгледа одлично.
Наташа Крстевска – Мијата
Кај Мијата се забележува огромна разлика од почетокот на нејзината кариера до денес, во однос на изгледот.
Таа со вежбање и режим на исхрана успеа драстично да ослабе.
Мијата е пејачка која обожава да експериментира и постојано прави промени на својот изглед.
Ивона Јовановиќ
Публиката ја знае како Ивона Јо - пејачката која руши табуа.
Ивона отворено и искрено раскажа за нејзината битка со вишокот килограми и на социјалните мрежи го пренесе секој детаљ од операцијата која ја направи на желудникот.
Имено, во 2021 година таа се одлучи да направи стеснување на желудникот и со своите фанови споделуваше низ што точно поминува и како се чувствува.
Пејачката успеа драстично да ослабе и како што самата често знае да каже, да започне втор живот.
Маја Саздановска
Пејачката Маја Саздановска направи голема трансформација на изгледот со помош на вежбање и режим на исхрана.
Видно задоволна од својот нов изглед Маја стана доста активна на социјалните мрежи, каде редовно споделува фотографии од себеси, на кои може да се забележи колку се има променето.
Тамара Тодевска
Дека упорноста се исплати доказ е и Тамара, која многу внимава на својот изглед, здраво се храни и редовно вежба.
Иако немала голем проблем со килограмите, таа успеа линијата да ја доведе до совршенство, па без проблем прифаќа да облече и некои посмели комбинации.
На нејзините понови фотографии на Инстаграм буквално изгледа како модел.
С. Ш. | Црнобело