Антониа Гиговска објави моќна балада - Самата го режираше спотот (видео)
Антониа Гиговска ја промовираше новата песна заедно со спот што го режираше самата, а во кој има минимална шминка, но многу емоции во гласот и ликот, ја покажува сета своја ранливост.
На својот 23-ти роденден, пејачката Антониа Гиговска за свој мерак, но и на задоволство на нејзините фанови, објави нова песна.
Моќната балада „Мразам што те сакам“ Антониа ја снимила уште во 2021-ва година, но потоа вели дека решила да ја „стави во фиока“.
Таа за CRNOBELO.com открива дека решила песната да ја објави во некое „подобро време кога ќе биде и самата доволно зрела за да може да се носи со емоцијата што сака да ја пренесе преку музиката и стиховите“.
„’Мразам што те сакам’ е песна што ја направивме со Лазе Цветкоски уште во 2021 година. Тоа беше година во која имав многу предизвици, многу насмевки, но и многу солзи.
Година во која бев константно повредувана, иако не го заслужував тоа, знаејќи колку знам да сакам и почитувам, независно дали е во прашање партнер или пријател.
Кога ќе се навратам наназад, и добро е што не ја објавив тогаш.
Ја чував за некое подобро време, за некоја подобра, позрела Антониа, која по 3 години ќе може да се носи со тежината на песната и емоцијата што ја има во неа“, ни кажа пејачката.
Гиговска песната ја промовираше заедно со спот во кој со минимална шминка, а многу емоции во гласот и ликот, ја покажува сета своја ранливост.
Текстот на песната е на Тајзи, музиката на Лазар Цветкоски, а режисер на спотот е самата Антониа.
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело