„Душокршачот“ Себастијан Фицек – авторот кој ќе ви го „скрши“ умот со заплетканите, морничави трилери и мистерии
Себастијан Фицек е германски писател и новинар. Неговата прва книга „Терапија“ беше бестселер во Германија во 2006 година, што ја симнала „Кодот на Да Винчи“ од првата позиција. Има продадено над 12 милиони книги во светски рамки, од кои само 5 милиони во Германија. Ова го прави Фицек еден од најуспешните германски писатели.
Тој е вистински мајстор за морничави психолошки трилери, проткаени со неизвесност и мистерија. Голем дел од неговите дела се достапни и на македонски јазик. Еве што може да прочитате од Фицек доколку сте љубител на жанрот:
Патник 23
Во просек, 23 луѓе годишно исчезнуваат од бродови за време на крстосувања. Обично, таквите ги отпишуваат како жртви на несреќи или самоубиства со скокање од брод. Но, што ако не се? Пред пет години, Мартин Шварц, полициски психолог, ги изгубил сопругата и синот. Биле на одмор на брод, на крстосување, кога тие двајца едноставно исчезнале.
Слабата истрага не успеала да открие што се случило – судскиот вештак заклучил дека се работи за убиство и самоубиство. И тој заклучок го прогонува Мартин уште оттогаш, загорчувајќи му го животот. Но тогаш го контактира една постара жена, писателка, која тврди дека има информации за тоа што се случило и инсистира тој веднаш да се качи на бродот „Султанот на морињата“.
Пакетот
Младата психијатарка Ема Штајн воопшто не излегува од дома од вечерта кога ја силуваат во хотелска соба. Таа е третата жртва на психопат кој новинарите го нарекуваат „фризерот“ затоа што им ги бричи главите на жените пред да ги убие. Ема, единствената која успева да му побегне, се плаши дека фризерот ќе се врати по неа за да ја доврши грозоморната мисија.
Во нејзината параноја, таа е убедена дека секој маж што го гледа е фризерот, иако реално воопшто не успеала да го види во хотелот. Ема се чувствува безбедно само во нејзината мала куќа во Берлин – или барем се чувствува до дента кога поштарот ја замолува да прими еден пакет во име на нејзиниот сосед кој не ѝ одговара на ѕвончето.
Колекционер на очи
Секогаш е истото. Колекционерот почнува со тоа што ја убива мајката, а потоа го киднапира детето и му дава на таткото четириесет и пет часа да го најде. Тоа е неговиот метод. Наоѓаат женско тело со пуштена стоперка во стегнатата рака на мртвата мајка. Избезумен, преплашен татко мора да го најде своето дете пред момчето да се задуши – и пред убиецот да му го извади левото око.
Александер Зорбах, бивши полицаец, сега новинар, ги има пријавено сите три убиства на Колекционерот на очи. Но овој пат е различно. Неговиот паричник е најден до трупот и тој сега одеднаш е осомничен.