Пливале со часови и пешачеле 25 дена за да избегаат од војната во Сирија - потресната приказна зад филмот The Swimmers
Принудени да ја напуштат својата завојувана татковина Сирија, Јусра и Сара тргнуваат на опасно патување со гумен чамец за да стигнат до Грција. По опасниот премин, тие пешачат 25 дена до Германија, каде што нивните животи добиваат сосема поинаков тек - Јусра се натпреварува на Олимписките игри, но животот на Сара се комплицира.
The Swimmers е нов филм на Нетфликс кој ја раскажува вистинската приказна за двете сестри кои преземаат очајни мерки за да стигнат на безбедно.
Обидувајќи се да избегаат од војната во Сирија, тие заминале во Турција, а оттаму со гумен чамец се упатиле кон Грција, за на крај да стигнат до Германија.
Вистинската приказна зад филмот
Растејќи во Дамаск во Сирија, Јусра сонувала да се натпреварува на Олимписките игри. Таа секогаш ги гледала натпреварите со нејзиниот татко кој бил професионален пливач, а таа почнала да тренира на 9 години.
Кога започнала граѓанската војна кога имала само 13 години, нејзиниот живот драматично се променил. Куќата им била уништена, па таа и семејството морале да живеат со баба ѝ, а понекогаш и со тетка ѝ.
Со сестра ѝ оделе на училиште, но било многу опасно.
Така еден ден, заедно со нивниот братучед Низар, Јусра и сестра ѝ Сара одлетале во Турција и се преправале дека се туристи.
Таму, заедно со повеќе бегалци од разни други земји, тргнале на опасно патување со гумен чамец за да стигнат до Грција.
Чамецот бил наменет за многу помалку луѓе и не бил дизајниран да се користи како безбеден метод за транспорт на долги растојанија.
На половина пат од патувањето, моторот на чамецот изгорел и кога почнал да се полни со вода, Јусра и Сара немале друга опција освен храбро да скокнат во водата.
Штом влегле во водата, сестрите пливале 3 часа покрај чамецот за да го спречат неговото потонување во Егејското Море. Тие пливале покрај него додека не пристигнале на грчкиот остров Лезбос и ги спасиле животите на сите 16 патници кои биле внатре.
Кога пристигнале во Грција, три дена биле лишени од храна и вода. Една млада жена им помогнала откако многу луѓе ги одбиле.
Од Грција тргнале пеш кон Германија, стигнувајќи до бегалскиот камп во Берлин по 25 дена патување.
Германија станала втор дом за сестрите, а таму ќе го запознаат и Свен Спанекребс - човекот кој станува тренер за пливање на Јусра.
Во 2016, Јусра Мардини со нејзините желба, талент и многу работа, како и мотивацијата од Свен, успева да отиде на Олимписките игри во Рио, а потоа и во Токио во 2020 година.
За жал, животот на Сара се комплицира откако таа донела одлука да се врати во Грција и да волонтира.
Сара била уапсена во 2018 година бидејќи им помагала на бегалците, поминувајќи повеќе од 100 дена во затвор.
Исто така била обвинета за шверц, шпионажа и измама, а нејзиното судење е во тек.
Таа може да помине и до 20 години во затвор доколку биде прогласена за виновна.
Во продолжение трејлерот за филмот инспириран од потресната приказна на храбрите сестри:
;M. Г. | Црнобело