5 турски серии на Нетфликс кои се поразлични од оние кои ги гледаме на малите екрани
Многумина секојдневно слободното време го поминуваат пред малите екрани и уживаат во некоја турска серија чија приказна е заплеткана со многу злосторства, семејни драми, неправди, но и многу љубов и згодни протагонисти. Но, што ако не сте расположени за драма и плач? Нудиме поинакви турски серии...
Сепак, има некои серии кои моментално не се популарни на малите екрани, но затоа стриминг-платфoрмата Нетфликс е тука за нас и ни ги споделува, а ние сме спремни да ги изгледаме.
Погледнете ја нашата листа:
Midnight at the Pera Palace - Полноќ во палатата Пера
Историја, мистерија, патување низ времето и средба со Мустафа Кемал Ататурк. Звучи интересно, нели?
Серијата започнува во прекрасниот Истанбул кога амбициозната репортерка Есра се обидува да се прослави на нејзината сегашна позиција.
Задолжена да пишува за познатата палата Пера, Есра добива поголема приказна отколку што некогаш можела да очекува.
46
Дали сакате мистериозни серии со чуден заплет? Серијата 46 е точно тоа! Овој психолошки трилер зборува за еден професор по генетика кој сака да ја извлече својата сестра од долгогодишна кома, користејќи лек што неодамна го открил. Но, ова откритие му го менува животот на неочекуван начин.
Yakamoz S-245 - Јакамоз С-245
Приказната започнува кога еден инструктор за нуркање треба да се приклучи во истражувачка мисија на подморница.
Меѓутоа, еден ден кога сончевите зраци ќе почнат да ги убиваат луѓето кои се на копното, инструкторот и неговата научна екипа се присилени да ја напуштат истражувачката мисија и да се качат на воено подвозје за да преживеат.
Додека тие се обидуваат да сфатат што се случува на копното, како и која е вистинската мисија на военото подвозје, се појавуваат тензии помеѓу екипажот, а што навистина се случува со Сонцето и со Земјата, можете да откриете сами!
Graveyard - Гробишта
Приказната на оваа серија се врти околу злосторствата извршени врз жени и девојки во Турција. Поголемиот дел од серијата се одвива во мрачен подрум, каде специјална единица работи на разрешување на многу нерасчистени убиства.
Морничава и вознемирувачна серија чија цел е да ја подигне општествената свест за насилството врз жените.
Love 101 - Љубов 101
Знаеме дека ништо не може да ги замени „Млади бунтовници“, но ако ви недостигаат, тогаш треба да ја погледнете оваа забавна серија.
Приказната е сместена во 1999 година и раскажува за група тинејџери кои се обидуваат да ја спречат нивната сакана учителка да го напушти градот.
Како ќе го направат тоа? Откријте сами! Имаат навистина одличен план!
М. Г. | Црнобело