„Хакер“ со Steffonator во „Синеплекс“ од 1 октомври
Бидете дел од филмската магија на данскиот филм „Хакер“, синхронизиран на македонски јазик со гласот на популарниот јутјубер Steffonator.
Премиерно ќе биде прикажан на 29 септември во рамките на фестивалот „Џифони Македонија“ со проекција во Кинотека на Северна Македонија и онлајн на платформата на фестивалот youth.mk. Steffonator во живо ќе присуствува на премиерната проекција во Кинотека.
Потоа продолжува со проекции во киното „Синеплекс“ од 1 октомври со присуство на Steffonator на првата проекција во Синеплекс. Истовремено од 1ви октомври почнува да се прикажува и онлајн на он деманд платформата Cinesquare.net по цена од само 62 денари.
Следуаат проекции во Кинотека на Северна Македонија на 5 и 6 октомври и во другите кина и градови низ земјата.
Семејната акција е наменета за најмладите гледачи над 8-годишна возраст и ја приредува продукциската и дистрибутерска куќа „Катавеј“ од Скопје, која во последните три години успешно ги прикажа детските филмови „Кариран нинџа“, Неверојатната приказна за џиновската круша“ и „Малиот гангстер“.
Филмот во режија на Пол Берг беше најдобар филм на Stockholm Film Festival Junior минатата година. Филмот се врти околу 13-годишниот врвен хакер Бенџамин, кој истовремено е и недоверлив тинејџер. Татко му никогаш не го познавал, а откако мајка му ненадејно исчезнува пред седум години тој живее во дом за сираци. Еден ден на посета доаѓаат двајца мажи од Тајната разузнавачка служба на Данска кои го известуваат дека една жена за која веруваат дека е мајка му на Бенџамин била регистрирана од надзорните камери на аеродромот неколку дена порано. На почетокот, Бенџамин е шокиран од веста. Сепак, тој наскоро се решава да ја испита работата и да дојде до дното на она што навистина и се случило.
Проекциите во МК се во рамки на проектот KidSquare - детско катче 2 на дистрибутерската куќа „Катавеј“, а поддржан од Министерството за култура.