Се чувствувате старо? - Поминаа 30 години од првиот Бетмен филм
Поминаа точно 30 години откако за прв пат се појави Бетмен на Тим Бартон на големото платно. Овој филм не е само пресвртница во начинот на којшто ги доживуваме суперхероите, туку и пресвртница на самиот лик на Бетмен.
Филмот на Тим Бартон го прослави Бетмен прославувајќи го супер херојот без супер моќи, а истовремено направи да го доживееме вистинскиот хорор на животот во Готам.
Почетоците на стрипот за Бетмен започнуваат во 1939 година, веднаш по успехот на DC со стрипот за Супермен. Подоцна се појави и познатиот телевизиски серијал во шеесеттите со Адам Вест во главната улога.
Но, она што вистински го прослави Бетмен беше филмот на Тим Бартон од 1989 година. Тој ни прикажа еден поинаков Бетмен, темен и со непријатен карактер, поставен во една скоро готска, урбана естетика.
Сево ова делумно потекнува од тогашните креатори на стрипот на Бетмен: Френк Милер, Дејвид Мацукели, Алан Мур и Грант Морисон. Сепак, она што го направи Тим Бартон со својот прв филм за Бетмен го детерминираше целиот карактер и понатамошен развој на ликот, бидејќи со својата популарност го всади како таков во меморијата на сите фанови, дури и оние коишто се сретнаа за прв пат со него.
Сите детали во филмот се надоврзуваат на приказната зошто е таков карактерот на главниот јунак, како и на неговите противници.
Претходно Готам беше претставуван како полоша верзија на Њујорк, но во Бетмен на Тим Бартон, Готам добива готска темнина и одредена уникатност, којашто како да ни кажува зошто токму во овој град Бетмен мора постојано да патролира по улиците.
Во овој филм, исто така, за прв пат се појави црниот непробоен оклоп на Бетмен, за разлика од сивото или лила трико од серијата и стриповите. Ова исто така додаде на темната страна на ликот на Бетмен (Мајкл Китон) и го постави прашањето дали можеби тој не е антихерој.
Сепак, кога ќе ги видиме за прв пат одлично изработените мрачни карактери на негативците како оној на Џокер (Џек Николсон) сфаќаме зошто мора да го одбереме помалото зло и да навиваме за Бетмен.
Овој филм нуди извонредна длабочина на ликовите и истовремено со нагласената мрачност и дуалност на сите ликови успева поблиску да не доведе до реалноста на општеството и токму затоа ова е до ден денес можеби најдобрата филмска интерпретација на Бетмен.
(О)Милена | Црнобело