Стереотипи од турските серии заради кои секогаш превртуваме очи
Сцена во болницата
Најчесто по низа перипетии и скандали, еден од ликовите ќе заврши во болница, па тогаш сите му простуваат за грешките.
Нормално, болницата е местото каде што семејствата се собираат и се поврзуваат во тагата, па успеваат да ги надминат разликите.
Секогаш има барем по една неуспешна свадба
Ако по 50-тата епизода почне да се организира свадба, веќе знаете дека е осудена на пропаст.
Секогаш има по некое банално недоразбирање, откривање на некоја голема семејна тајна, семејна трагедија, која нема да им дозволи на главните ликови да стапат во брак.
Главните ликови секогаш кријат по некоја тајна
„Да ми кажеше порано ќе ти простев... Ама вака...“
Звучи познато нели? Додека 20 епизоди навиваме главниот лик да си ја каже тајната што веќе го јаде и одвнатре и стискаме палци сѐ да помине во најдобар ред...
Сепак, очекувано, сцената кога ќе се дознае тајната доаѓа до кавга и расправија, а потоа се знае – две епизоди со тажна турска музика во кои главните ликови се „гризат“ за проблемот што може да се реши, ако имаа подобра комуникација меѓу нив.
Репризи на цели епизоди
Понекогаш ви се чини дека цела епизода што сте ја изгледале е реприза на претходните. Секој од ликовите се присетува на минатите разговори и настани, а тоа трае и трае... Како поинаку ќе направат серијали со повеќе од 150 епизоди?
Злобниот секогаш на крај го добива тоа што го заслужува
Богатиот ќе осиромаши, криминалецот ќе заврши во затвор или ќе биде убиен, добрите и чесните ликови ќе го најдат среќниот крај.
Речиси секогаш на крај на секоја серија се прашувате зошто воопшто сте гледале 160 епизоди, кога знаете како ќе завршат, нели!?
Б. С. Б. | Црнобело