Потресна исповед на валандовчанка за CRNOBELO.com: „Во Турција е траорно, погина целото семејство на моја колешка“
- Детали
- четврток, 09 февруари 2023
„Имам колешка од погодената област, односно од местото Адијаман (Adıyaman), која е мажена во Истанбул, но целата нејзина фамилија беше под урнатините и после 24 часа ги пронајдоа ама, за жал, безживотни тела на нејзините мајка, татко, братот, снаата и нивното дете...“, споделува Елвира Секмен (36) од Валандово за CRNOBELO.com, која 13 години живее во Истанбул.
Елвира Секмен (36) од Валандово, по професија моден дизајнер, омажена е за Турчин од Истанбул и живее таму веќе 13 години.
Вели дека ситуацијата по земјотресите е траорна, дури и за нив, односно за сите кои директно не се оштетени од ситуацијата.
Тие ги живеат најтешките денови како нација затоа што додека се извлекуваат мртви тела и преживеаните умираат на студот, тие се во иста држава, а седат дома и гледаат на телевизија каков хорор се случува.
„Ужасно ни е како ние јадеме, додека они ги држат рацете на своите мртви деца, свршеници, мајки, буквално се срамиме што не сме таму, ова е многу голем човечки испит за цела нација...“, вели Елвира за CRNOBELO.com, која учествува во разни хуманитарни акции за собирање на средства за настраданите, како преку работното место, така и преку училиштето на нејзината ќерка.
„Дониравме финансиски средства, но и пелени, ќебиња, средства за хигиена и храна за животни.
Правевме топли јадења за сите пунктови, каде што се собираат донации.
Имам среќа што сум подалеку од реонот погоден од земјотресот и немаме почувствувано потреси, но стравот, болката и паниката се исти, дали сум таму или во Истанбул и гледам од телевизија – ситуацијата е ужасна секако.
Имам колешка од погодената област, односно од местото Адијаман, која е мажена во Истанбул, но целата нејзина фамилија беше под урнатините и после 24 часа ги пронајдоа ама, за жал, безживотни тела на нејзините мајка, татко, братот, снаата и нивното дете.
Колешката уште веднаш секаде информираше и даде локација од куќата, но поради лошите временски услови екипите не можеа да стигнат до нив.
Моментално Турција ги живее најтешките денови. Ова е најтешкиот и катастрофален земјотрес може да се каже во историјата на Турција.
Опфатени се повеќе од 10 градови каде што живеат преку милиони жители, а бројот на загинатите и безживотните тела се зголемува секоја минута.
Последна информација е повеќе од 15.000 починати“, вели Елвира за CRNOBELO.com.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело