Наша гордост: Даниел (15) од Штип освои бронзен медал на натпревар по природни науки во Колумбија
- Детали
- петок, 27 јануари 2023
„За натпреварот се подготвував уште од летото, еден ден се натпреварувавме, а следниот ден одевме на екскурзија и посетивме повеќе места во близина и најголем впечаток ми оставија планината Монсерате и интерактивниот музеј Малока“ – открива во интервју за CRNOBELO.com Даниел Христов од Штип, кој освои бронзен медал по природни науки во Колумбија.
Додека летниот распуст за голем број ученици значи време за одмор и за шетање, 15-годишниот Даниел Христов од Штип одлучил овој период да го помине во подготовки за учеството на престижната Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO) во Богота, Колумбија, која се одржа во период од 2-ри до 12-ти декември.
На натпреварот Македонија ја претставуваа шест ученици: Даниел Христов од Штип, Теона Ана Георгиевска и Марко Серафимовски од Скопје, Искра Нечаковска и Олег Трајковски од Битола и Михаил Шапчески од Прилеп.
Учениците за олимпијадата ги подготвуваа Друштво на физичари на Република Македонија (ДФРМ), Сојуз на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ) и Македонско биолошко друштво (МБД), два дена во неделата на ПМФ во Скопје.
Исто така, децата беа придружувани со по еден водич од секое друштво.
Даниел Христов кој го освои бронзениот медал на Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки е прва година во гиманзијата „Славчо Стојменски“ во Штип.
Тој во кратко интервју за CRNOBELO.com откри колку време му било потребно да се подготвува за овој натпревар, како изгледало далечното патување до Колумбија и како се одвивал натпреварот.
Следува краткото интервју со Даниел:
Кажи ни како изгледаше натпреварот по Природни науки, колку учесници имаше, каде се одржа, како се избираа учесниците на натпреварот?
Натпреварот по природни науки се состоеше од три теста во три различни денови.
Првиот тест се состоеше од прашања со заокружување на еден точен одговор, вториот тест се состоеше од теорија односно прашања на кои треба да ја покажеме целата постапка на решавање на задачите и третиот тест беше експерименти на кои бевме поделени на тимови од по три ученика.
За разлика од првите два теста на кои се натпреварувавме индивидуално, секој правеше по еден експеримент и потоа одговаравме на прашања и задачи поврзани со експериментот.
Колку време се подготвуваше за натпреварот?
Јас за натпреварот се подготвував уште од летото, односно се подготвував за селекционите натпревари за да можам да учествувам на олимпијадата.
Откако се пласирав за олимпијадата одев од септември до крајот на ноември на подготовки секој петок и сабота, а последната недела пред заминувањето во Колумбија одев секој ден на ПМФ, каде што вежбавме и теорија и експерименти.
Но, покрај тоа што одев на ПМФ вежбав и дома секојдневно по неколку часа дневно.
Дали освен што се натпреварувавте, имавте време и да прошетате низ Богота и што е она што најмногу ти остави впечаток?
Да, покрај натпреварите имавме време и да се прошетаме. Ние еден ден се натпреварувавме, а потоа следниот ден одевме на екскурзија и посетивме повеќе места во близина и најголем впечаток ми оставија планината Монсерате и интерактивниот музеј Малока.
Колку време патувавте до Богота?
Ние летавме прво од тука до Истанбул и тој лет траеше околу час и половина, а потоа од Истанбул до Богота летот траеше четиринаесет часа.
Кои се плановите за иднина, дали планираш да се образуваш на полето на природните науки?
За во иднина сè уште плановите не ми се прецизирани. Дали ќе продолжам да се образувам во полето на природните науки уште не сум сигурен и затоа не можам да кажам со сигурност, а и сметам дека имам уште време за да се одлучам што ќе студирам.
Кога би можел да бираш, на кој универзитет би сакал да го продолжиш образованието?
За тоа на кој универзитет ќе студирам планирам да одлучам точно при крајот на моето средно образование, но сега можам само да кажам дека тоа ќе биде некој универзитет во странство.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело