Дечко од Сомалија, дал отказ за да патува низ светот и останал во Македонија: „Во Драчево има најдобар кромид“
- Детали
- сабота, 26 ноември 2022
„Еден пријател ме поздравува и ми вели: ‘Кај си бе брат да те е*ам’. Кога проверив на Гугл што значи изразот останав збунет, зошто така се поздравувате?“ – вели Мустафа Ахмед, момчето кое се вљуби во нашата земја, а редовно споделува видеа кои ја пробува македонската храна, но се шегува и за некои наши изрази.
Мустафа Ахмед е момчето чиишто видеа од Македонија деновиве редовно се споделуваат на социјалните мрежи. Посетил над 30 земји, но подолго време престојува и се враќа во нашата земја, а овие денови редовно патува низ македонските градови и населби и објавува забавни видео содржини.
„Еве ги повторно балканските изрази што не можам да ги разберам. Значи се возам и си ја гледам работата и една стара жена поминува покрај мене, ме гледа и ми вели: ‘Да те се**ат кокошките!’. Кога проверив на Гугл што ми рекла останав збунет. Катастрофа!!!“ – вели тој во видеото.
Што знаеме за момчето што редовно споделува забавни видеа од нашата земја?
Мустафа Ахмед (29) е по потекло од Сомалија, но пораснал во Норвешка. Во 2020-та година за време на пандемијата тој одлучил да даде отказ на работното место и да почне да изучува Frontend Development.
Потоа отворил сопствена компанија за консулатиции во ИКТ секторот и сега работи додека патува.