Златко Јовановски: „Ме викаат кралот на светкавото, носев круна на ревијата во Грузија и оставив добар впечаток за Македонија“
- Детали
- понеделник, 21 ноември 2022
„Во Грузија давав доста интервјуа, снимав емисии, публиката се фотографираше со мене, и мислам дека комплетно сумирано направив одлична работа и покажав дека и Македонија знае што е светска мода“, споделува дизајнерот Златко Јовановски за CRNOBELO.com и открива како ја доживеал оваа земја.
Нашиот моден дизајнер Златко Јовановски, познат по раскошните светкави, на моменти дури ексцентрични креации, ја имаше честа да ја отвори Модната недела во Грузија.
За тоа како мина неговото модно шоу, но и каков впечаток му остави Грузија, Златко споделува за CRNOBELO.com:
„Колекцијата „З“ е наменски направена за ревијата во Грузија, на „Georgia Couture Fashion Week“.
Јас на тој моден настан бев повикан како специјален гостин, некој кој ќе го отвори настанот, затоа што организацијата знаеше дека ќе направам вистинско шоу. Беше услов да имам нови креации, некои што не се презентирани никаде претходно.
Направив 17 нови креации и тргнав за Тбилиси.
Се трудев максимално да се посветам и на креациите, но и на музиката и модниот краткометражен филм - дело на Марина Трајковска од „МТ Видеографи“ за да добиеме едно комплетно модно шоу.
Сепак, таму имаше дизајнери од Франција, Ерменија, Јордан, Молдавија, Казахстан, Србија и нормално локални од Грузија и сакав Македонија да ја покажам во најдобро светло, и според овациите во живо и коментарите на социјалните мрежи, мислам дека успеав во тоа.
Морам да кажам дека организацијата беше беспрекорна. Имаше многу луѓе од „зад сцена” и секој си ја вршеше својата задача, на сè тоа имав и тројца асистенти коишто континуирано беа околу мене.
Бев искрено зачуден колку сè минуваше без проблем.
За среќа, имав можност и време да го прошетам и градот. Тбилиси е град, спој на старото и новото.
Со прекрасни градби, целиот планински распространет, со широки улици и многу малку семафори.