Бајковита свадба на пар од Македонија во Ватикан, со благослов од Папата Франциск – први на Балканот (фото)
- Детали
- вторник, 21 јуни 2022
Ива и Антонио велат дека католичката венчавка навистина е иста како и на филмовите, а најмагичен момент им бил кога татко ѝ на Ива ја донел до пред олтарот, каде што ја пречекал Антонио и ја преземал нејзината рака, па застанале за благослов и церемонијата започнала. Тие споделуваат детали од својата филмска венчавка за CRNOBELO.com…
Антонио од Скопје, по професија златар, ја запроси својата сакана Ива од Скопје на спектакуларно место на француските Алпи на популарното туристичко место „Aiguille du Midi“ на почетокот од годинава, а сега парот имаше бајковита свадба во Ватикан.
Ватикан е познат како Светиот град, и е најмалата независна држава на светот. Ватикан е седиште на папата, а сегашен папа на Ватикан е папата Франциск.
Токму папата Франциск даде благослов за бракот на Антонио и Ива и тие се првите Македонци, а, според нивните информации, и првиот пар од Балканот кој се венчал во Ватикан, со благослов од Папата Франциск.
Идејата за свадба токму таму, ја добиле за време на едно патување во Рим, кога уште биле во врска.
За CRNOBELO.com откриваат дека уште тогаш фрлиле паричка во познатата Фонтана Треви и си замислиле желба некогаш да имаат свадба во италијански дух и да се венчаат во базиликата Свети Петар во Ватикан.
Папската базилика „Свети Петар“ е соборна црква во Ватикан, посветена на апостол Петар и е најголемиот христијански храм во светот, кој може да собере и до 60.000 верници. Базиликата претставува „мајка-црква“ на Римокатоличката црква и се смета за едно од најсветите христијански места во светот.
Таму се одржуваат само настани од највисок ранг и токму затоа Ива и Антонио велат дека навистина се измачиле вадејќи ја целосната документација за нивната свадба да се одржи таму. Подготвувале документи, преведувале на италијански јазик и чекале одобрение, повеќе од два месеци.
На својот голем ден невестата се одлучи за венчаница од модното студио MCouture, а до олтарот ја испрати нејзиниот татко.
Антонио, кој потекнува од најстарата златарска фамилија во Македонија, со 500 години традиција, е католик, па за него навистина било чест и задоволство што им било одобрено да организираат свадба во базиликата Свети Петар во Ватикан.
Свадбата била според посебен протокол и специјални мерки за безбедност, а парот, заедно со нивните гости, бил внесен од специјален ВИП влез, на страна од туристите.
Гости покрај од Македонија, имале и од Грција, Србија и САД.