Сведоштво на скопјанец: „Куче во центарот на градот носеше мртво маче за да го закопа - ме трогна потегот“ (видео)
- Детали
- четврток, 17 март 2022
Фотките и видеото може да бидат вознемирувачки... Скопјанец ни раскажа за тажна, но позитивна случка на која сведочел во ГТЦ, што ќе ви ги наполни очите со солзи: „Мислев дека сака да ја повреди кога му ја видов мачката во уста, но потоа сфатив дека е мртва, а кучето само бараше погодно место каде може да ја закопа“.
Дека кучињата имаат неверојатен човечки инстинкт и срце како планина, е доказ и оваа случка на која скопјанец сведочел во Градскиот трговски центар.
Ако и вие сте од оние кои секогаш прво ќе помислат дека уличните кучиња сакаат некому да наштетат и дека се непријатели со мачките, оваа вистинска приказна ќе ви ги насолзи очите и ќе ве натера да сфатите дека не сите животни се ставаат „во ист кош“.
Дарко од Скопје ни испрати видео и за CRNOBELO.com ја раскажа емотивната приказна зад истото:
„Денес, во Градскиот трговски центар, во близина на моето работно место, бев сведок на еден несекојдневен и емотивен настан.
Пиејќи го утринското кафе, здогледав едно куче, кое во својата уста носеше мачка. Првично се вознемирив, бидејќи помислив дека кучето сака да ја повреди и тргнав забрзано кон него со цел да го исплашам за да ја пушти мачката, но кога се приближив сфатив дека е веќе доцна за да ѝ помогнам, бидејќи таа веќе не даваше знаци на живот.
И понатаму бев убеден дека кучето ја има повредено или убиено, водејќи се по клишето дека кучињата и мачките се стари добропознати противници.
Но во тој момент се случи нешто што ме остави без зборови, па можеби и ми го одбележа денот.
Откако ме одмина, продолжи надолу носејќи ја мачката во уста, низ пролазот кој води кон градскиот кеј. Во еден момент ја остави мачката на земја, се качи на жардињерата во која има земја, и започна да копа со своите предни нозе.
Во неверување тргнав по него и почнав да снимам. Можев да претпоставам што прави, но некако сѐ уште не можев да поверувам дека кучето всушност не само што немало намера да ја повреди мачката, туку носејќи ја во уста, барало место низ трговскиот центар каде да ја закопа.
Откако ја ископа дупката, повторно ја зема мачката во уста, ја стави во дупката, а потоа почна со устата да ја турка земјата и да ја закопува мачката, сѐ додека не ја покри речиси цела со земјата.
Ова беше еден навидум тажен и морничав, а истовремено преубав и позитивен гест од страна на едно улично куче.
Мислев дека доволно добро ги познавам кучињата и нивната интелегенција, но ова што го видов денес беше жаргонски кажано “Next level”.
Збунет и изненаден, коментирајќи го неверојатниот гест на кучето со останатите минувачи кои исто така сведочеа на овој чин, не успеав да го сопрам кучето кое си продолжи понатаму по патот, но ветувам дека кога ќе го видам нареден пат, ќе најдам соодветен начин да го наградам во знак на благодарност што ни го приреди овој преубав гест кој дефинитвно беше позитива на денот.“
Погледнете го видеото од случката (содржината за некого може да биде вознемирувачка):
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Ако и вие имате некоја интересна случка од секојдневието која сакате да ја споделите, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
М. М. | Црнобело