Новогодишна магија на дното на Охридското Езеро – поставени две подводни елки (фото+видео)
- Детали
- понеделник, 27 декември 2021
На две локации во Охридското Езеро, кај Заливот на коските и во изворите на реката Црн Дрим се поставени подводни новогодишни елки. Со ова нуркачите од клубот за подводни активности „Охрид“ и на нуркачкиот клуб „Амфора“ ги упатија новогодишните честитки.
На Инстаграм профилот на клубот за подводни дејности „Охрид“ е објавено кратко видео од поставувањето на подводната елка која 19-та година по ред блесна во водите на нашето најголемо езеро.
Со препознатливите црвено-бели одела, подводните Дедо Мразовци и годинава ја поставија подводната елка во водите на Охридското Езеро.
„Најпрофесионално поставена елката во изворите на Црн Дрим, Свети Наум, со огромен број нуркачи и пријатели на клубот. Вкупно 53 луѓе цел ден го посветија на ретките болести, екологија, дружење и размена на позитивна енергија“ – стои во описот до видеото.
Освен поставувањето на подводната елка, членовите на клубот исто така направија и еколошка акција за чистење на изворите, со што упатија силна порака за потребите од подигнувањето на свеста за заштитата на животната средина и водите на езерата.
Годинава, акцијата беше посветена на лицата со ретки болести, а се вклучија и најмладите членови на клубот. По поставувањето на елката, нуркачите го покажаа и знамето на Здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“.
Клубот за подводни дејности „Охрид“ постои повеќе од три децении, а во него членуваат нуркачи од сите возрасти.
„На еден редок и уникатен начин нуркачите на клубот за подводни активности Охрид своите новогодишни честитки ги упатуваат до децата со ретки болести на кои им ја посветуваат оваа ретка подводна новогодишна елка.
Во новата 2022 да влеземе со надеж за подобри денови за оваа категорија на дечиња, попристапност и подостапност на терапијата која значи живот за нив, но и одобрување на и нови терапии“ – стои во описот на видеото што беше објавено и на Фејсбук страната на Здружението на граѓаните со ретки болести „Живот со предизвици“.
https://fb.watch/a9kMF4nxoZ/
Освен кај Свети Наум, подводна елка беше поставена и кај Заливот на коските од страна на нуркачкиот клуб „Амфора“.
„Нуркачите од нуркачкиот центар „Амфора“ традиционално, 19та година по ред, ја накитија новогодишната елка под вода кај Заливот на Коските во Охрид.
На уникатен начин им ја честитаат Новата година и божиќните празници на граѓаните на Република Македонија.
Подводната елка ќе биде своевидна атракција во склоп на музејот во пресрет на новогодишните празници“ – стои до фотографиите објавени од страна на клубот.
Б. С. Б. | Црнобело