Потресна исповед на битолчанка која преживеа сообраќајка, во која изгуби две сакани личности: „Болката за Иван и Милан нема да замине“
- Детали
- понеделник, 15 ноември 2021
Исповед која ја кине душата. Исповед во потрага по правда. Исповед која испраќа силна порака до учесниците во сообраќајот...
фото: depositphotos.com
Во август 2020-та година, на патот Охрид-Свети Наум се случи трагична сообраќајна несреќа, кога автомобил со забрзано возење удрил во друг автомобил со 5 лица, од кои двајца млади момци (Иван и Милан) за жал го загубија својот живот, а три девојки (Сташа, Деспина и Исидора) останаа тешко повредени.
Една година подоцна, на социјалните мрежи вирално се шири статус од битолчанката Сташа Божиновска, една од девојките која ја преживеа несреќата, но во неа изгуби две важни личности од својот живот.
Нејзината исповед е искрена и болна, раскажува за моментот кога се нашла изгубена во болница, за миговите кога дознала дека ги изгубила прво Иван, а еден месец подоцна и Милан, како и за нејзиното долго закрепнување, заедно со двете братучетки кои со неа беа повредени.
Оваа за жал реална приказна, потсетува колку се големи последиците од невнимателното возење и колку е важно сите да бидеме одговорни во сообраќајот.
Во спротивно, последиците се непроценливи... Не постои цена која може да ја „плати“ болката кога ќе се загубат најблиските.
Сташа раскажува дека таа вечер, заедно со Деспина и Исидора, излегле на пијачка во Охрид заедно со други другари од Битола кои престојувале таму во тој период, а потоа биле договорени да продолжат во стан, па се упатиле кон автомобилот.
„Излеговме и се упативме кон колата.
Црно.
Ги отворам очите на повикот на Деспина по мене.
И си помислив “првпат осеќам толкава болка во сон” а околу мене гласови, сирени, светла.
Пак црно.
Ги отворам пак очите и лежам во болница каде ми ги сечат алиштата и јас сум во шок.
Се свестувам и сфаќам дека вечерта заврши како што никој не би посакал и само ги прашав сестрите каде се другите и дали има жртви. Ми рекоа не, сите сте живи. Деспина беше до мене“ - ја почнува својата исповед.
Во тој момент пресреќна, девојката се јавила на нејзините родители и на сите најблиски да им каже да не се грижат, дека се добро.
Но, наскоро животот ѝ се претворил во кошмар...
„Во 11:30 ми се јави другарка ми и ми рече: сега имаш телефон ќе прочиташ, па поарно јас да ти кажам, Корач почина.
Не можам ни да ви опишам што осеќав во моментот, плачев, а ме боли сè, секој напор е додатна болка на веќе постоечките скршеници и рани, а на душевните не сакам ни да објаснувам.“
Во наредниот период, таа продолжила со нејзиното закрепнување, иако скршена од болка, но сепак среќна што околу неа имало толку многу луѓе, кои се грижеле за неа, и за останатите преживеани.
„Ме префрлија во Скопје, каде имав 4 резови за да ме монтираат, како слагалица.
Лежев неподвижна таму 2 недели.
Исидора и Милан во КАРИЛ. Деспина дома со гипс околу рамената и клучната коска.
Моите од кај мене во болница, кај Деспина дома.
Тетка ми која деноноќно седеше над Деспина, идеше и кај мене во болница.
Вујко ми и вујна ми кои ја гледаа Исидора само преку стакло, одвојуваа време да ме видат и мене и Деспина.
Не знам дали некој може да го замисли ова, но на никој не му го посакувам.
Се вратив дома. 2 месеци во болнички кревет, физиотерапија во лежечка позиција, психотерапија во истата таа позиција.
Колку среќа имам што сум опкружена од моите родители, браќа, другари најблиски и подалечни, мојот дечко, познаници. Секој дојде да ме посети.“
За жал, лошите настани за неа не завршуваат тука. Доживува уште еден шок, утрото на 18-ти септември.
„Кога завршив со терапијата ми дадоа доручек и седнаа до мене, и мајка ми и татко ми.
Никогаш нема да ја заборавам оваа реченица на татко ми:
- Знаеш, малце се искомплицира состојбата на Милан.
- Јас викам добро ќе биде добар.
- И тој: Ни замина.
Го фрлив доручекот и почнав да плачам како мало бебе.
Пак истото, си велам што згрешивме ние за да плаќаме за туѓа грешка. Е во тој момент осетив гнев како никогаш досега.
Јас веќе се исправив, Деспина исто така, со што таа имаше потрес на мозок и сè уште се справува со вртоглавици.
Како да ги погледнам во очи вујко ми и вујна ми кои не знаат во тој момент дали нивната ќерка некогаш ќе се разбуди?
Како да го видам татко му на Иван или да одам да ја гушнам баба му на Милан која што ме знае од бебе, а да не помислам дека можеле нивните деца да се на мое место?
Траума, стрес, страв, срам. Заради некој дивјак!
Се молиме за Исидора, јас, ти, сите што ги познавам ме прашуваат како е.
Веќе сите осеќавме дека сме дел од една голема фамилија, секој се грижеше за нашите животи.
Ја испративме во Германија, фала Богу.
И конечно се разбуди, добра е и ќе победи.
Преблагодарна сум за мене и моите братучетки, но болката за Иван и Милан никогаш нема да замине, ќе мора да се научиме за живееме со неа.
Се обидувам да разберам и да не сум лута. Тешко е, но се обидувам.“
Сташа од Битола собрала храброст да проговори за најтешката и најболната случка во нејзиниот живот, која засекогаш ѝ остави болни траги и сеќавања.
Нејзината исповед е со цел да пронајде поголема правда за изгубените животи на Иван и Милан, а ние ја пренесуваме со цел да им се отворат очите на сите учесници во сообраќајот, да ги увидат последиците и болката низ која минуваат оние кои настрадале во несреќи и оние кои ги загубиле своите најблиски заради нечие неодговорно однесување во сообраќајот.
Целосната исповед на Сташа можете да ја прочитате ТУКА.
М. М. | Црнобело