Тијана Дапчевиќ (45) открива тајни за изгледот: „Не претерувам со затегање брчки, по бременоста имав 115kg“
- Детали
- четврток, 04 ноември 2021
По бременоста имала 115kg, а успеала да стигне до 65kg, признава дека ги затега брчките со хијалурон, но не претерува и сака природен изглед, а открива и зошто не се откажува од кратката фризура – Тијана Дапчевиќ искрена за својот изглед, во гостување во емисијата Generalka.
Тијана Дапчевиќ (45) е препознатливо лице, како кај македонската, така и кај балканската јавност, а сите се восхитуваат на нејзината природност и искреност.
Ја претставуваше Македонија на Евровизија во 2014-та година, отпеа голем број хитови на македонски и српски јазик, моментално е актуелна и како актерка во серијата Преспав, а кога станува збор за интервјуата и гостувањата во емисиите, таа е позната по сопствената искреност и по тоа што е мошне отворена со јавноста.
фото: принтскрин YouTube
Во гостување во емисијата Generalka на DTRV, Тијана откри кои се тајните за нејзината убавина и како успева да изгледа прекрасно и во петтата деценија од животот.
Таа кажува дека во најголем дел нејзиниот изглед е природен, а иако посакува да направи естетска корекција на градите, сепак не се осмелува да го направи тој чекор, затоа што стравува од болките што ќе следат.
Тијана беше искрена во целост и призна дека од пред 8 години, односно од нејзини 37 години, редовно во мали дози користи хијалурон на лицето за да ги затегне брчките што настануваат од смеење и за да ги поткрене капаците на очите.
„Но, не претерувам. Кога ме боцкаат им велам - луѓе не сакам да сум ’затегната‘, сакам да имам промени на изразот, но не сакам тоа сè да биде зацементирано, а моите лекари го почитуваат тоа што ќе им го кажам“ – вели таа.
Кога станува збор за нејзиниот имиџ, Тијана со години е препознатлива по кратката, платинесто руса коса, а вели дека ако малку и порасне, веднаш се чувствува како да носи перика.
Тијана во гостувањето откри уште еден интересен податок за својот изглед, а тоа е дека во периодот од 2011-та до 2014-та година имала долга коса, но, тоа ретко кој го знае.
Поради проблемот со ретката коса, во овој период, најчесто морала да носи опавче, или да се фенира, а понекогаш се случувало помеѓу гостувања и по двапати да оди на фризер за да ѝ ја средат фризурата.
„Во 2014-та година кога ја претставував Македонија на Евровизија, стилистот рече дека косата мора веднаш да се скрати“ – вели таа и додава дека оттогаш веќе не ја пуштила косата.
Тијана искрено говореше и за сопствената борба со килограмите и откри дека по породувањето со синот Вук тежела 115 kg.
По долгогодишните борби со диети, постојано слабеење и враќање на килограмите, со помош на нутриционист успеала да стигне до телесна тежина од 65 kg.
Како што вели, главната цел за намалување на телесната тежина ѝ било пред сè, да биде здрава.
За крај проговори за нејзините тетоважи и откри дека тетоважата на рамото ја направила за 18-иот роденден.
фото: принтскрин YouTube
Повеќе фотки од Тијана во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело / извор: Generalka