Градот Скопјe ја почна третата фаза од реконструкцијата на Индира Ганди во Шуто Оризари
- Детали
- четврток, 29 јули 2021
Со завршување на третата фаза од реконструкцијата на улицата „Индира Ганди“ во Шуто Оризари и поставувањето на атмосферската канализација ќе се овозможи жителите на оваа општина да ги почувствуваат бенефитите на урбаното живеење.
Градоначалникот Шилегов денеска одржа прес-конференција во општина Шуто Оризари каде што изврши увид во градежните работи од третата фаза од реконструкција на улицата Индира Ганди во должина од 811 метри.
„Денеска правиме увид во градежните работи каде што пред десетина дена почна третата и последна фаза од реконструкцијата на главната улица во Шуто Оризари, Индира Ганди. Всушност, ова е и најлошиот инфраструктурен дел во општината, така што очекувам дека кога ќе ја завршиме, од улица Гвадалахара до улица Нов живот, комплетно новата атмосферска канализација во општината, што досега ја немаше, и она што беше својствено за овој дел да тече вода по улиците и да се раскопани патиштата ќе стане минато. Мене ми е особено мило што ваквата реконструкција, овој тип на реконструкција токму во овој дел на Шуто Оризари наидува на сериозно позитивен одглас кај граѓаните со цел конечно и тие од овој дел на градот да ги уживаат бенефитите на урбаното живеење. Ова е, како што напоменав, последната фаза од реконструкцијата на улицата Индира Ганди, во изминатите две години ги работевме претходните две фази, ги замолувам граѓаните да бидат трпеливи, бидејќи работиме и квалитетно и темелно токму за доброто на граѓаните од овој дел на градот. Реконструкцијата е во вредност од околу 18 милиони денари со ДДВ“ - кажа Шилегов.
Тој додаде дека за него е приоритет развојот на општината Шуто Оризари да оди подеднакво со развојот на преостанатите скопски општини.
„Во рамки на програмата за одржување на сообраќајници на ЈП Улици и Патишта со Меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Шуто Оризари, реконструирани се улиците: Рељо Шесто Крило, Кипарска, Брегалничка, Демирхисарска, Волт Дизни, Вашингтонска, Нов Живот, П. Лулумба, Карабуница, Злетовска, улица 3, крак 1 и 2“ – рече Шилегов.
Тој дополни и дека се извршени повеќе интервенции за да се подобри водоводната и канализационата мрежа во општината, односно изградба на водоводна мрежа, нов резервоар, пумпна станица, нов потисен цевковод во Шуто-Оризари, како и поголемите зафати на водоводната мрежа на улиците Смилевска и Брсјачка буна (инвестиција од 13,5 милиони денари).
Градот Скопје соработува и ги поддржува и здруженијата на граѓани и институции кои дејствуваат на територија на општина Шуто Оризари, а едно од тие е и Здружението за заштита на правата на детето, чии фокус се реалзиција на активности и проекти за заштита на децата на улица. Активностите на ова здружение во континуитет се поддржуваат, а истите растат секоја година (во 2015 година биле дадени 100.000 денари, за во 2020 година да се доделени 450.000 денари).
Исто така, со инвестиција од 6,5 милиони денари направено е партерно уредување, зазеленување и поставување на урбана опрема во дворот на училиштето Шаип Јусуф и асфалтирање на спортското игралиште.