Српска инфлуенсерка воодушевена од битолското село Дихово: „Со причина ова село го посетуваат луѓе од Нов Зеланд до Бразил“
- Детали
- среда, 28 јули 2021
„Бев пчелар на еден час, пробав највкусна храна и сфатив зошто Дихово со години од страна на разни светски магазини се прогласува како тајна локација со најдобра храна во Македонија“, раскажува Јована Квржиќ од Србија, која со години веќе патува и носи најубави приказни од сите краишта на светот.
Откако го посети Охрид и јавно го искажа воодушевувањето од нашиот бисер, српската инфлуенсерка Јована Квржиќ продолжи со турата низ Македонија и стигна до прекрасното село Дихово во близина на Битола.
За ова уникатно место во подножјето на Пелистер таа споделува впечатоци:
„За крај на патувањето во Македонија кое имаше за цел промоција на руралниот, еколошкиот и авантуристичкиот туризам отидов во едно од најпознатите македонски села Дихово.
Дихово се наоѓа во подножјето на Пелистер, а најблизок поголем град до него е Битола.
Интересен факт за мене е дека во текот на студирањето повеќепати бев во Македонија како учесник на семинари со млади луѓе од целиот регион каде се дружевме, учевме едни од други и меѓусебно разбивавме предрасуди, а баш такво беше и ова патување.
Зошто толку мало село како Дихово станало толку познато? Со години од страна на разни светски магазини се прогласува како тајна локација со најдобра храна и најдобра дестинација на која може да уживате во „slow food“ концепт на приготвување храна.
Нашиот домаќин Пеце освен што беше одличен домаќин, е и одличен готвач и учител, па во неговата куќа држи часови за кулинарство. Учениците во најголем дел му се странци од сите делови на светот. Угостил луѓе од Нов Зеланд , па до Бразил.
Пеце го има и најмалиот, но најсладок вински подрум во кој некогаш сум била.