Сè што треба да знаете за патување во Грција - кои правила и мерки важат за туристите?
- Детали
- петок, 14 мај 2021
Од денес, 14 мај, е дозволен влез во Грција и за македонските граѓани.
Според известувањето на официјалниот веб-сајт на МВР, во Грција може да се влезе преку граничниот премин Евзони, и тоа со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или со Сертификат за примени две дози вакцини, со 14 денови поминати од втората доза вакцина. За децата до пет години не е потребен ПЦР тест.
Друга важна работа за оние кои сакаат да одат во Грција е задолжителното пополнување на електронската пријава на сајтот travel.gov.gr. Апликацијата треба да се пополни еден ден пред планираното посетување на земјата.
Според МВР, оваа мерка ќе се применува до 24-ти мај, при што граѓаните ќе можат да влезат во државата во периодот од 06:00 до 22:00 часот според македонско време.
Според веб-сајтот на којшто се пополнуваат апликациите, Грција прифаќа сертификати за вакцинација со Pfizer BioNtech, Astra Zeneca/Oxford, Novavax, Johnson + Johnson/Janssen, Sinovac Biotech, Sputnik, Cansino Biologic и Sinopharm.
Исто така, на сајтот е нагласено дека сите патници, без разлика каков сертификат поседуваат, можат да бидат подложени на задолжително тестирање. Ако патникот одбие да се тестира, властите имаат право да му спречат влез во Грција.
Овие правила важат од делумното отворање на границите на 19-ти април и во соопштението на грчкиот сајт пишува дека за целосното отворање од 14-ти мај, можно е да има промени, кои би биле објавени наскоро.
Други правила корисни за туристите споделени на сајтот:
Кои мерки важат за туристите за време на престој?
За време на престојот во Грција, посетителите треба да ги следат истите мерки кои важат и за Грците - заштитните маски се задолжителни и во затворени простори, и на отворено.
Дали ќе има хотели за карантин?
На неколку места ширум државата ќе има хотели за изолација (карантин) за безбедно и ефикасно справување со случаи на корона кај туристите.
Што ако на посетителот му треба негативен ПЦР тест за да се врати во својата држава?
Ќе можат да се направат тестови на местото каде што ќе отседнуваат посетителите ако има потреба од тоа.
Туристички атракции
Туристички атракции кои се во затворен простор остануваат затворени. Атракциите на отворено ќе бидат отворени, а посетителите ќе треба да следат неколку правила – држење растојание од 1,5 метри од другите и групирање на најмногу три личности (исклучок се семејствата, како родители со деца).
Ресторани и кафетерии
Отворени се само терасите на рестораните, кафетериите и баровите. Исклучок се објектите кои се во склоп на хотели и кои служат само гости во хотелот. Објектите работат од 05:00 до 22:45 часот и на маса може да седат најмногу шест гости. Гостите треба да носат маска додека порачуваат и ја чекаат нарачката.
Плажи
Дозволени се најмногу 80 луѓе на простор од 1000 метри квадратни. Еден чадор со лежалки можат да изнајмат најмногу двајца, со исклучок на семејства.