Ново издание на „Недела на новиот германски филм“ – овој пат под отворено небо
- Детали
- петок, 21 август 2020
Во малку поразличен формат на 24 август започнува „Неделата на новиот германски филм“.
Публиката во Струга, Прилеп и Скопје ќе ја продолжи долгогодишната традиција на дружење со најновите остварувања на богатата германска кинематографија. За разлика од минатите години, овој пат гледачите ќе уживаат во филмските проекции, како што вели и слоганот, под отворено небо.
Неделата на новиот германски филм, на 24 август во НЦСК Струга, ќе се претстави пред македонската публика со премиерата на долгоочекуваниот Undine на режерот Кристијан Петцол. Фестивалот ќе продолжи со прикажувањето на селекцијата составена од трилерот Ballon (2019) на Мајкл Хербиг, биографскиот Mein Blind Date Mit Dem Leben (2017) на Мајк Ротемунд и комедијата Die Goldfische (2019).
Стружани ќе можат да ја следат програмата на неделата на новиот германски филм од 24 до 27 август, а потоа на ред доаѓаат Скопје од 1-7 септември и Прилеп на 3 и 4 септември.
Покрај гореспоменатите, останати наслови кои ќе бидат прикажани за време на фестивалот ги вклучуваат: Ich fühl mich Disco (2013) на режисерот Аксел Раниш, Kaddisch für einen Freund (2012) на Лео Касин и комедијата Fack ju Göhte (2013) на Бора Дагтекин.
Напоменуваме дека сите проекции на „Неделата на новиот германски филм“ ќе бидат прикажани под отворено небо со целосно почитување на препораките за заштита од Covid19.
Oвогодинешното издание на „Неделата на новиот германски филм“ го реализира Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 во соработка со Кинотека на Северна Македонија, Дрим Шорт- Струга и Центарот за Култура Марко Цепенков – Прилеп и со поддршка на Амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија.