„Држете растојание” за доброто на сите
- Детали
- понеделник, 16 март 2020
Акцијата „Држете растојание” има за цел на директен и визуелно експлицитен начин да ги потсети граѓаните да држат растојание, да избегнуваат гужви, да го намалат ракувањето, да ги минимизираат своите контакти и на тој начин да се заштитат себеси и другите од вирусот Ковид-19.
Воедно, преку акцијата сакаме да ги потсетиме граѓаните да ги почитуваат препораките и да се придржуваат до упатствата кои ги издаваат надлежните.
Сметаме дека во оваа ситуација превенцијата е најважна и затоа преку јазикот на уметноста се обидуваме да ги комуницираме пораките за превенција од ширење на опасниот вирус. Како уметници и активисти не можеме да останеме неми во вакви ситуации и сметаме дека во овие тешки денови секој треба да придонесе и да влијае за да го информира населението за мерките за самозаштита кои треба да се преземаат. Уметниците и активистите преку она што знаат да го прават најдобро, преку своите дела, можат на интересен и несекојдневен начин да го подигнат нивото на свесност за оваа особено важна тема.
„Држете растојание” е акција која ја посветуваме и подаруваме на медицинските лица и здравствените работници кои деноноќно се борат да го зачуваат јавното здравје. Им изразуваме огромна благодарност за нивната посветена работа.
На крајот, а согласно препораките на Министерството за здравство сакаме да напоменеме дека при изработката на оваа акција не постоеше никаков директен контакт помеѓу членовите на групата - работевме во фази и секвенцијално. Секој од уметниците работеше различна фаза со цел за да избегнеме директен контакт, но и за да докажеме дека иако е тешко, не е невозможно работите да се завршат и на овој начин.
Ви посакуваме добро здравје на сите.
#БидиОдговорен #ЗаштитиСе