Каревци во посета на Домот за стари лица „Мајка Тереза“ - Преплет на емоции, милион насмевки и прегратки
- Детали
- вторник, 03 декември 2019
Честопати забораваме дека сите нè чека староста. Немаме време да мислиме дека не е сè во трчањето по секојдневните обврски.
Што следува кога ќе остареме? Дали веќе не сме му потребни на светот? Илјадници прашања кои допираат до срцето ако за миг подзастанеме и се обидеме да видиме како функционираат старите лица, оние најкревките кои всушност изоделе цели патишта, безброј стрмнини и падини.
„Баба и дедо“, зборчиња од само четири букви, а толку љубов во нив.
Секогаш подготвени да ја исполнат секоја желба, дури и каприц, само за да измамат насмевка на лицата на своите сакани. Најдобрите учители со долгогодишни искуства зад нив, секој нивни збор чиниш отвора милион порти и ги лекува сите рани.
Некои од нив својата старост ја доживуваат во своите домови, покрај своите сопрузи, деца, внуци, соседи... Има и такви кои својата старост ја продолжиле во домовите за стари лица.
Зарем тие не заслужуваат трошка љубов и внимание? Некој кој ќе им го разубави денот и со само една насмевка ќе им ги стопли срцата?
„Имавме прилика да бидеме дел од нивното секојдневие, бидејќи така одлучивме сами , бидејќи сакавме да им приредиме малку забава и среќни мигови, во кои воедно уживавме“. - така велат учениците од скопската гимназија „Никола Карев“ кои заедно со својата професорка Снежана Станкова беа гости во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во неделата за грижа на старите лица.
„Учиме дека и надвор од училиштето може да се функционира и да се учи за љубовта, грижата и емпатијата. Тоа во рамките на образовниот систем се нарекува проектна активност“, ни раскажаа учениците.
Учениците за својата прекрасна публика ја подготвија театарската претстава „Рибарот и рипката“ во која старите лица навистина уживаа.
По нејзиното завршување, целата атмосфера кулминираше во музика, пеење, ора, насекаде насмевки и прегратки, глетка која милион зборови не ќе можат да ја опишат.
Младите Каревци имаа прилика да разговараат со старите лица, да добијат по некој совет и да споделат обострани животни искуства. Топлина, љубов, среќа, воздишки, по некоја солза... Милион чувства испомешани.
На оваа прекрасна акција им се придружија и учениците под менторство на професорката Валентина Панџарова со прекрасно подготвена закуска.
Љубовта доаѓа од стомакот, зарем не?!
Тука беа и топлите, инспирирачки пораки и желби за долг и среќен живот кои ги подготвија учениците под менторство на професорката Мила Михајловиќ.
Изработени со толку љубов, посветеност и емпатија, не залудно се вели: подарок директно од срцето.
Учениците од СУГС „Никола Карев“, со помош на своите професорки подготвиле една голема забава исполнета со љубов и среќа.
„Домаќините се покажаа во најдобро светло, па добивме и прошетка во нивното креативно катче. Резултатот беше очекуван.
Децата пресреќни бидејќи доживеале ден кој ќе го паметат цел живот. Старите пак надежни дека сепак не се заборавени, дека има некој кој им се радува и сака да се дружи со нив“.
Староста сепак не значи крај на животот. Не заборавајте ги вашите баби, дедовци, мајка, татко, пријатели, соседи...
Еден обичен гест, мало внимание, за вас можеби не значи ништо, но за нив значи цел свет, за нив значи желба за живот.
Во продолжение погледнете повеќе фотографии од оваа прекрасна посета:
Мила М. | Црнобело