Погледни зад градникот
- Детали
- среда, 16 октомври 2019
Биди храбра и погледни зад градникот! Тоа е пораката на шесте дами: Александра Илиева, Тамара Ристовска, Катерина Шехтанска, Дани, Татјана Стојановска и Искра Канзурова, кои со поддршка на Lisca одлучија да ги мотивираат сите жени да се соочат со предизвикот на борбата против ракот на дојката.
Нивната порака, сублимирана во кампања „Погледни зад градникот“ е со превенција и информираност, жените да го надминат стравот од неубавите предизвици на животот.
Запознавањето со опциите за превенција и лекување на ракот на дојката е единствената опција да најдат храброст за себе и да ги охрабрат најблиските, во случај на предизвиците од оваа болест.
Шесте дами кои ја прифатија кампањата Lisca, сакаат да покажат дека секоја жена може да пронајде храброст во себе, да се погледне зад градникот, но и да им даде поддршка на оние кои веќе се соочуваат со болеста која опфаќа околу 10% од женската популација во светот.
Јас сум Александра Илиева, по професија сум музичар, саксофонист. Имам 23 години. До сега немам правено ехо или мамографија, бидејќи докторите истото го препорачуваат малку подоцна, но комплетно сум воведена во значењето на редовните прегледи. Предлагам и ТИ да водиш грижа за себе од рана возраст! Секоја жена во 20-тите години треба да се едуцира како сама преку опипување на градите да врши задолжителен преглед еднаш во година.
Јас сум Тамара Ристовска, по професија сум актерка. Имам 26 години. До сега немам направено ехо и мамографија, често знам мојот преглед да го вршам со опипување на дојките. Научи ги и ТИ трите начини за самопрегледување! На возраст од 20 до 39 години се смета дека е потребно жената да го има својот прв клинички преглед на градите, а докторите предлагаат тоа да биде еднаш во годината или на секоја трета.
Јас сум Катерина Шехтанска, глумата е моја љубов, но и класичниот балет. По професија сум актерка. Постојано вежбам, и воедно сум и инструктор по аеробик и кик-бокс. Имам 39 години. Го поддржувам будењето на свеста за редовни прегледи и грижа за сопственото здравје. Те поттикнувам да го чуваш и ТИ сопственото тело! Докторите препорачуваат жени со висок ризик, поголем од 20%, да прават прегледите секоја година, МРИ и мамограм, додека пак жените со умерено зголемен ризик 15% -20%, по совет од лекар може да додаваат МРИ скрининг. Годишен МРИ скрининг докторите не препорачуваат за жени кои се оценети со помал животен ризик од 15%.
Јас сум Дани, по професија сум музички артист. Имам 40 години, а музиката ми е живот. Ако целта ми е да живеам во потполност продуктивен живот во кој ќе создавам и делувам, мамографијата како редовен преглед е од круцијално значење. Гледај ја мамографијата исто како обична посета на стоматолог... како редовен третман на лице или што и да ви е приоритет. На исто рамниште... На светско ниво, ракот на дојката е најчест рак кај жените и тоа опфаќа околу 10% од женската популација. Последните статистики од Институтот за јавно здравје за 2018-та година велат дека од рак на дојка во Македонија годишно умираат 279 жени, или 27 на 100.000.
Јас сум Татјана Стојановска и сум ТВ презентер. Имам 45 год и од 40-тата редовните ехо и мамографски прегледи на дојките се моја практика. Мамограф правам на 3 години, а ехо на 1 година. ТЕ советувам да вршиш редовна контрола! Докторите советуваат дека жените кои ја ситнат 40-тата година од својот живот потребно е секоја година или секоја втора да прават мамографски преглед на дојките.
Јас сум Искра Канзурова, по професија сум ТВ водител, инаку германист. Сѐ до мојата 49 годишна возраст немам направено мамографија, но поттикната од кампањата веднаш закажав преглед. Закажи и ТИ! Доколку во период од 40-тата до 50-тата година докоторите препорачуваат мамографија секоја година или секоја втора, по 50-тата година периодот помеѓу мамографијата се намалува на еднаш годишно.