Охридска банка го прогласи победникот на креативниот маратон Rethink
- Детали
- понеделник, 23 септември 2019
Тимот „Леа“ е победник на предизвикот на Охридска банка на годинешниот „Rethink“ – креативен маратон во организација на Солвео. Тимот Леа, составен од економисти, дизајнери и девелопери, освои награда од 500 евра за нивното победничко решение кое вклучуваше машинско учење и анализирање на податоци преточено во модел за предвидувања на идни финансиски навики кај клиентите и врз основа на тоа - препорака за користење на банкарски продукти.
На креативниот маратон „Rethink“, Охридска банка го постави предизвикот „Rethinking financial habit formation in young customers – Changing financial habits using Big Data & AI“. На предизвикот се натпреваруваа 3 тимови под менторство на продукт менаџери, специјалисти за продажни канали, ИТ специјалисти од Охридска банка и Сигмоид Груп со експертиза во полето на машинското учење и вештачката интелигенција. Предлог концептите креирани од тимовите учесници беа оценувани според критериумите иновативност, изводливост, едноставност при користење, потребно време за имплементација и тимска работа.
Креативниот маратон „Rethink“ во организација на Солвео имаше за цел да го подобри дигиталното корисничко искуство кај бизнисите, а Охридска банка беше една од трите платинум спонзори на настанот. Креативниот маратон се одржа во Инофеит – Центарот за трансфер на технологии и иновации од 20ти до 22ри септември, 2019.
Со поддршката на овој настан, Охридска банка како посветена финансиска институција чија корпоративна вредност е иновативноста, продолжува да ги поддржува младите иноватори на полето на финансиски иновации со поддршка и организација на вакви натпревари.