ИАБ Македонија и АмЧам Македонија потпишаа меморандум за соработка
- Детали
- понеделник, 13 мај 2019
Скопје, 10.05.2019 - Американската стопанска комора – АмЧам Македонија и асоцијацијата која ги обединува водечките интернет портали, маркетинг агенции и огласувачи, ИАБ Македонија, потпишаа меморандум за соработка во насока на промовирање, развој и континуирана соработка во областа на дигиталното огласување.
Во името на двете асоцијации, меморандумот го потпишаа Дијана Десподов, извршната директорка на АмЧам и Борис Ефтимовски, претседател на ИАБ Македонија - кои се обврзаа дека во рамки на својата примарна дејност и цели, заеднички ќе дејствуваат и меѓусебно ќе соработуваат во интерес на дополнителниот развој на дигиталното огласување на повеќе начини и преку повеќе заеднички проекти.
АмЧам Македонија го поздравува процесот на Саморегулација преку Етичкиот Кодекс на ИАБ Македонија и ги повикува своите членки – компании да го подржат процесот преку поинтензивна соработка со издавачите кои го почитуваат Кодексот.
ИАБ Македонија ќе соработува со АмЧам и нејзините членки на истражувачки и промотивни проекти во насока на унапредување на дигиталното огласување во Македонија и поддршка на развојот на дигиталните издавачи од земјава.