Човекот со убава душа секогаш ќе ја пронајде убавината во другите луѓе

Велат таа има насмевка која го осветлува денот, секогаш расположена, полна со енергија и ентузијазам Биба е ветер во грб за многумина борци соочени со предизвиците кои ги носи ракот како болест.

covekot-so-ubava-dusha-sekogash-ke-ja-pronajde-ubavinata-vo-drugite-lugje-1.jpg

Овој месец за неа беше активен и полн со случувања бидејќи октомври е во знакот на подигнување на свеста и борба против ракот на дојка. Но,овој пат решивме со неа покрај оваа тема да позборуваме не само како првиот човек во Здружението за борба против рак ”БОРКА – за секој нов ден” туку и како мајка, баба и пријателка едноставно жена која има сила и моќ да поместува планини и да го осветлува патот на многумина.

Затоа и не случајно АВОН, нејзиниот долгогодишен партнер во Розовата прошетка, во неа го пронајдоа ликот кој се поистоветува со манифестот на нивниот најнов парфем Авон Лумината.

Во целост ви го пренесуваме разговорот со Биба:

1. Како започна целата приказна на „Борка“ ...што ве поттикна да го основате оваа здружение?

Пред да ја започнам приказната со БОРКА, моја блиска пријателка почина од лимфом. Тоа беше шок за мене бидејќи во тие моменти кога таа почина, јас случајно се најдов кај неа дома за да ја видам “на кафе”... Ми требаше време да се освестам од тој шок и после некое време во разговори со многу луѓе, сфатив дека ракот во нашата земја е табу тема и дека навистина е потребно будење кај населението дека за жал оваа болест може секому да се случи и потребна е едукација, подигање на јавната свест. Затоа решив дека како јавна личност ќе може да придонесам за тоа, да ја искористам својата позиција за поттикнување на нашите граѓани за важноста од превентивни прегледи. После некое време на мојата мајка и беше дијагностициран рак на кожа и тоа дополнително ме поттикна да се вложам со целата своја енергија и да помогнам на сите оние кои ја имаат оваа болест, но и на нивните семејства. Искрено не очекував дека БОРКА ќе прерасне во здружение кое ќе ја менува свеста на цели генерации за тоа што е ракот и дека ќе бидеме дел од една важна алка во креирање на кампањи, активности и инспирирање на институционални промени во однос на целата борба за помош и поддршка на овие пациенти. Од оваа временска дистанца, тврдам дека тоа беше еден од моите вистински чекори во мојот живот, но и еден од најтешките. Затоа сум горда на се што досега сме постигнале заедно со целиот тим на БОРКА и верувам дека ќе правиме уште многу активности за помош и поддршка на заболените од рак.

2. Секојдневието ви е исполенето со луѓе кои се соочуваат со оваа тешка болест и сите предизвици кои таа ги носи, на кој начин успевате да им излезете во пресрет на овие луѓе и да го задржите оптимизмот и вашата ведрина?

Јас сум верник и мојот духовен отец еднаш ми кажа дека Господ на сите ни дава онолку колку можеме да издржиме. Силата ја наоѓам во секојдневните, ситни радости кои го сочинуваат животот. Во насмевката на оние кои откако ќе дојдат расплакани во нашиот центар во БОРКА, после некое време излегуваат со дигната глава на која сме овозможиле перика и спремни се да се борат, во случајната средба со некоја  “боркица” на концерт, која ти кажува дека токму поради нашите кампањи отишла на преглед на кој ракот и бил дијагностициран на време и сега е веќе успешно излекувана, во телефонското јавување на нашата СОС линија и соопштување на нашиот психолог дека ракот се повлекол, во насмевките на дечињата дека работеле со учителките во Дневниот центар на детската клиника, во прегратките на моите БОРКИЦИ со кои делиме исти или слични приказни. Сите овие прекрасни луѓе секојдневно ме потсеќаат дека и покрај се, животот е убав и вреден за да се бориме и да помагаме. Затоа што знаете како велат,  ако помогнеш макар и на еден човек си го спасил човештвото.

3. Покрај големата посветност како мајка и жена која професионално работи во здружението „Борка“ познати сте ѝ на пошироката јавност и како дамата со ангелски глас, но се чини дека луѓето во последно време повеќе ве идентификуваат со „Борка“ отколку како естраден уметник. Дали ви недостига пеењето?

Сè уште не сум се откажала од пеењето. Во периодите кога се соочував со големите загуби, а особено смртта на мајка ми, кажав дека немам песна во срцето за да запеам. Но таа секогаш ми велеше дека не смеам да се откажам од музиката и дека тоа сум јас, па така да брзо после нејзината смрт, најдов сила во себе, за себе, за мама, за татко ми, за ќерка ми и внукот, и настапив на плоштад на еден голем настан. Во тој момент сфаќаш дека не е важно колку пати ќе паднеш, туку колку пати ќе станеш, ќе се соочиш со болката и ќе ја претвориш во храброст...

Наскоро планирам да влезам во студио и веќе имам песна со која повторно ќе и се вратам на мојата публика.

covekot-so-ubava-dusha-sekogash-ke-ja-pronajde-ubavinata-vo-drugite-lugje-2.jpg

4. Ваш долгогодишен партнер во Розовата прошетка секој октомври е козметичкиот гигант АВОН кој во вас гледа лик кој се поистоветува со манифестот на нивниот најнов парфем Авон Лумината...нивниот лик е жена која сјае како кристал и претставува пример и инспирација за останатите жени охрабрувајќи ги да веруваат во силата и моќта на нивната внатрешна убавина. Како вие гледате на ова?

АВОН ја препозна посветеноста на БОРКА уште на самиот почеток од нашата соработка. Во таа компанија работат многу жени кои се пример и инспирација и знаат дека убавината на жената доаѓа од внатре. Внатрешната убавина ја препознаваат и ценат оние кои и сами ја поседуваат. Сето ова што го правам со огромна љубов и посветеност е пример и инспирација макар и на неколку луѓе, јас ќе бидам уште посреќна и тогаш ќе знам дека мојата мисија е успешна. Убавиот човек секогаш ќе ја пронајде убавината во другите, а оној кој носи омраза, гнев само тоа и ќе го гледа и ќе им го понуди на другите. Затоа сите оние кои ја поседуваат таа внатрешна убавина треба да ја негуваат. И да не забораваат да си ја намирисаат со таков убав парфем. J

5. Како вие лично се справувате со животните предизвици?

Очи во очи. Да не се лажеме, многу пати и мене ми дошло да кажам не можам повеќе. Научив да ја контролирам духовната болка, да  ја ставам на страна и онака “на само” да и кажам: Имаш нешто да ми кажеш, што не знам? Седи сега во ќош и од страна гледај ме”. Некогаш правам погрешни проценки за луѓето затоа што алтруистички верувам дека се сите добронамерни и искрени, но немам време да плачам за истуреното млеко. И не сакам да го поминам животот жалејќи по работите кои можеби и се случиле со причина и за да ме научат нешто. Љубовта и музиката и моите сакани се мојата духовна храна.

6. Можеби неблагодарано да се говори за себе но, сепак ќе ве запрашам кои се атрибутите кои ги имате и ги негувате како човек, а благодарение на кои успевате да ги остварите замислените цели во животот?

За се е потребно време, а јас имам трпение. Сметам дека се доаѓа кога ќе биде вистинското време, верувам дека не смееме да го сфаќаме животот премногу сериозно. Јас сум едноставна личност, верувам дека се е минливо и битно е она што ќе го оставиме зад себе. Болката не поминува, со тек на време учиш да живееш со неа. Успехот е релативна работа а среќата зависи и од нас. Изборот е наш. Дали кога ќе се разбудиме наутро ќе помислиш на она што го немаш, или пак ќе бидеш благодарен за она што го имаш.

7. На кои вредности ги воспитувате и инспирирате вашата ќерка Емануела и нејзиното синче. За оние кои не знаат, иако не наликувате, но вие сте горда баба на малиот Александар ...

Горда баба сум на Александар и и’ благодарам на Емануела што ми го овозможи тоа. Сакам да учат преку моите дела. Едно од нештата на кои се трудам да им бидам пример е дека се може да се постигне со многу труд, посветеност, трпение и работа. Да знаат дека после секоја бура има сонце. Се е променливо во животот освен љубовта на мама-баба :) Тие знаат дека ги сакам најмногу на свет и се надевам дека ќе имам доволно време да ги научам на се што знам.

И верувајте дека сум типична баба кога му облакам чорапчиња на Александар “за да не настине детето”

8. Што за вас претставува совршен ден?

Секој нов ден. Секој ден кога се будиш жив и здрав е совршен ден.

covekot-so-ubava-dusha-sekogash-ke-ja-pronajde-ubavinata-vo-drugite-lugje-3.jpg

Би можело да ве интересира:

Трогателна објава на Македонка: „Да се бориш со канцер е страшно, да се бориш втор пат со канцер е п... „Како се гледам после операцијата и губењето на двете гради? Најнормално, женств...
Ламбе Алабаковски за татковството: „Сакам и ќерка по двата сина“ „Самото породување за мене беше еден голем, возвишен чин, со измешани емоции, ра...
„Се молам да не заплачам додека пеам“: Ивона Јо ги испеа омилените песни од Тоше во Крушево „'Игри без граници' и 'Полско цвеќе' не можам да ги пеам, да дадам емоција, а да...
Јелена Спенџарска со љубовна порака за саканиот Лукас: „Кога изгубив надеж, ми се појави како гром о... „На почетокот мислев дека е скриена камера, зашто не ми беше реално, нема да лаж...
Димитар ја запроси саканата Стефани под ѕвезденото небо на Тунис (видео) „Тој порача шише вино во соба, но не ми беше чудно зашто често ми прави романтич...
Миа Костова со брутално видео за убавината: „Не се печете во солариум и не носете вештачки трепки - ... „Сум носела надградба на коса, ама сега страшно ми изгледа. Ај што некој им...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg