Изложба на Дејан Мачуков на тема „Топлина“
- Детали
- понеделник, 30 јули 2018
Во склоп на манифестацијата „Културно лето Богданци 2018“, во организација на Општина Богданци 23.07.2018, беше отворена изложба на ликовниот уметник Дејан Мачуков.
Публиката имаше можност да проследи 27 дела, од кои половината беа од серијата на тема "Топлина", а останатите,нови ликовни творби од тековниот период. Делата се изработени во комбинирана техника, масло на платно и на дрвена подлога.
Дејан Мачуков е дипломиран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек сликарство со графички дизајн, во класата на проф. д-р Благоја Маневски, 2017 г.
Сликите се продолжеток од серијата на тема „Топлина“.
Целото наше знаење започнува со сетилата, потоа продолжува до разбирање и завршува со разум. Не постои ништо поголемо од разумот.
Не вреди да се барат материјалните богатства во животот додека не се откријат тие од природата. Природата како инспирација и како енергија која е извор на нешто потсвесно, на нешто длабоко најдено. Онаа топлина која не е како во буквална смисла на зборот, туку како нешто свето, духовно односно како посебен дар од природата.
Во еден момент преку бојата го откривам нејзиниот јазик (нежното шепотење на бистрите реки и различните испреплетени песни на птиците), а од друга страна се ставам себеси како една машина за преработка на тие емоции кои поминуваат преку мене додека сум присутен и сум како дел од неа, вечно да ги заробам на моето платно да станат сведоци на моето постоење.