Комплетирана уште една неверојатна авантура за која не се потребни пари, а дава спомени за цел живот!
- Детали
- понеделник, 07 мај 2018
Мега популарниот предизвик за студентите од целиот свет насловен како „Red Bull Can You Make It 2018“ оваа година за конечна дестинација го имаше Амстердам, а вкупно 201 универзитетски тим од 56 земји се вклучија во авантурата која предвидува поаѓање од пет различни точки, минување на попатни предизвици, како и стигнување на целта, без притоа да се користат пари, туку само лименки со енергетскиот пијалок како единствена валута во замена за услуги како транспорт или ноќевање.
Од автостоп до трампа за авионски карти, учесниците мораа да покажат снаодливост, креативност и амбиција, демонстрирајќи тимски дух и развивајќи пријателства. Секоја „тројка“ мораше да помине најмалку шест града по пат, а освен за храна и ноќевање се менуваа и лименки за летање со параглајдер, рентакар, па дури и за перење алишта! Биле искористени 40 различни видови на превоз, меѓу кои и возење со глисер, хеликоптер, велосипед, а вкупно биле трампани 20.658 лимени од Ред Бул. Вкупната килоемтража на сите учесници е 459.399 километри, што се должи на фактот дека на целта пристигнале 198 екипи и со своето учество креирале спомени за навек.
Македонските претставници Матеј, Иван и Стефан, обединети во тимот „Урбан скаутс“, во конечниот поредок го заземаа 31.место бидејќи учесниците попатно мораа да извршуваат задачи и со тоа да заработуваат бодови и нови лименки од организаторот, за да го продолжат патувањето. За седум дена поминаа 7 градови и четири држави, односно неверојатни 2.471 километар. Заменија 173 лименки и беа едни од најуспешните наши учесници досега на оваа авантура.
- Кога ќе се навратиме на сето тоа време и поминати места можеме да кажеме дека научивме и видовме многу нови работи, дознавме како е навистина да се излезе од својата комфорт зона! Паралелно со тоа, видовме колку добри луѓе постојат на светов, подготвени да помогнат. Ова беше дефинитивно авантура за паметење,- велат Матеј, Иван и Стефан.
Тие за овој предизвик дознале од медиумите пред две години и ги следеле тогашните македонски претставници од тимот „Борово“, па откако успешно го одработиле приемниот испит снимајќи сопствено видео, продолжиле со кампања токму тие да бидат избрани.
- На 15 фебруари на полноќ ја поднесовме нашата апликација заедно со видеото. Во наредниот период од неколку дена имаше гласање на државно ниво на интернет порталот на настанот, за кое стварно требаше да се потрудиме за да ги собереме потребните гласови. На 6 март дознавме дека ние ќе ја претставуваме Македонија на „Red Bull Can You Make It 2018“ и веднаш почнавме со подготовки гледајќи видеа и читајќи статии од учесници на настаните од минатите години. Исто така се видовме и со тимот „Борово“, кој беше на истиот настан во 2016 година, за да споделат некој совет и искуство со нас. На 9 април ние тргнавме за Стокхолм, кој беше нашата почетна точка на авантурата. Утредента во 12 часот ,опремени со мапа за чекпоинтите, од кои моравме да поминеме минимум 6, и еден телефон со кој смеевме само да ги снимаме нашите авантури и да пратиме временска прогноза, предизвикот започна. Чувството во тој момент беше прејако бидејќи тргнавме на авантура за која не знаевме што не чека,- раскажуваат „Урбан скаутс“.
Минувајќи низ Шведска, Данска, Германија и Холандија, тие искусиле и „добри зделки“, но имало денови и кога немале среќа. Во Шведска луѓето често им излегувале во пресрет прифаќајќи лименки во замена за билет за воз, но во Данска морале да спијат на железничката станица во Колдинг, при надворешни температури од -5 степени Целзиусови. Трансферот во Хамбург им го донел најсреќниот ден на патувањето, каде што стигнале со автостоп, а завршиле на забава во тамошна маркетинг компанија. На пат од Берлин кон Олденбург се спријателиле со студент кој таму ги угостил за ноќевање и доручек, по што заминале за Гронинген, каде што спиеле во лоби на некој хостел бидејќи не успеале да направат зделка. Сепак, стигнале до Амстердам и уживале во остварениот сон. Меѓу остварените предизвици биле и оние каде што со секири фрлале кон целта во Линкопинг, возење со Ламборџини во Хамбург, а последната зделка им била менување лименки за прошетка со ферибот по каналите на градот кој го нарекуваат и „Венеција на северот“.
- Кога ја добивме информација за локацијата на финишот, подготвени со знамето и античките шлемови поминавме низ целната линија. Вечерта ја поминавме на забава со останатите тимови каде си разменивме искуства и си поминавмепреубавоа, а утредента тргнавме за Скопје,- гласи среќниот крај на оваа авантуристичка приказна на тројцата македонски студенти од ФИНКИ.
Победници на годинешното издание биле прогласени членовите на екипата „Г И Т“ од Шведска затоа што освоиле 655 поени со своите попатни авантури, при што второпласираните „Free Riders“ од Португалија имале седум бода помалку, а третопласираните „Team Naughty Boys“ од Германија завршиле со 16 бода помалку од победниците. Сепак, како неофицијален победник на оваа авантура е Јужнокорејанецот Јин, кој иако не бил селектиран од организаторите, сам тргнал од една од петте почетни дестинации (Будимпешта) и со 24 лименки Ред Бул во ранецот исто така успеа да стигне до Амстердам. Последниот ден, тој го пропуштил летот за дома, но благодарение на донации од останатите учесници во проектот успеал да собере пари за нов билет и да се врати безбедно дома.