Скопје домаќин на „Food for Tomorrow“, иницијативата која обедини иноватори од Западен Балкан и Шведска
- Детали
- понеделник, 30 април 2018
Минатата среда и четврток (25. и 26. април) во Public Room се оддржа 24-часовен предизвик во склоп на иницијативата „Food for Tomorrow“. 27 учесници од Македонија, Западен Балкан и Шведска, поделени во 4 тимови, осмислија и презентираа проекти за поголема оддржливост на системите за храна.
Иницијативата „Food for Tomorrow“ e организирана од Шведскиот институт, Living Cities, WNEAT во соработка со Шведската амбасада во Скопје и Белград. Оваа иницијатива има за цел да ги вмрежи визионерите и да помогне нивните идеи да прераснат во конкретни проекти за одржлива иднина на храната.
24-часовниот предизвик претставуваше официјален почеток на иницијативата во Македонија. На самиот настан беа поканети локални организации од областа на оддржливоста и храната, кои со учесниците разменија идеи и договорија понатамошни соработки.
Пред присутната публика, 4-те тимови ги презентираа своите проекти чии теми опфаќаа едукација и работилници за здрава исхрана, лобирање за подигање на свесноста околу алармантната ситуација со истребувањето на пчелите, како и системи кои би овозможиле подиректна и полесна комуникација меѓу производителите на еколошка храна и потрошувачите. Во претстојниот период ќе биде избрана идејата која ќе добие финансиска помош за изведба. Победничкиот проект ќе биде реализиран во следните 8 месеци.
Учесници од Македонија беа претставници на: „Ајде Македонија“, „Beorg E-fresh”, „Еко свест“, „Природни перспективи“, „Ранчо на Ванчо и Ката“ и „Слоу Фуд Македонија“.
Повеќе информации за македонските учесници кои беа дел од иницијативата ТУКА!