Интервју: Новата Викторија Лоба со видео оддаде почит на Херојот
- Детали
- недела, 25 март 2018
Црнобело: Балада во етно стил, во ново руво Викторија Лоба, мириса на македонски хит кој беше потребен на македонската естрада.
Викторија Лоба: Херој како балада е посебна за мене поточно вистинска и искрена. Мојата етно интерпретација сама се наметна, мелодијата тоа го бараше, а јас само ја следев како што ми говореше срцето. Сигурна сум дека ќе биде македонски хит кој ќе остави белег во музичката историја. Сакам нови и различни правци на музика кои ќе бидат стилски направени за да се задоволи сечие уво на квалитетна мелодија.
Црнобело: Велиш дека песната е посветена на твојот херој всушност кој претставува твојот херој?
Викторија Лоба: Мојот херој е личност која не се предава, тој секогаш тежнее да е најдобрата верзија од себе си, човек со голема буква, силна воља, доблест и добродушност. Тој е инспирација за сите кои го знаат. Дефинитивно сите ние имаме свој херој во животот, без разлика дали тоа е родител, брат, сестра, пријател кој повеќе не е со нас и со оваа песна би сакала да им оддадеме почит.
Црнобело: Кој е предизвикот на Лоба оваа година на професионален план?
Викторија Лоба: Оваа година тотално сум посветена на музиката и се што е поврзано со неа. Имам зацртано многу проекти кои успешно ги реализирам секој месец и секако најголемиот предизвик годинава е мојот албум. Имам континуирани барања и понуди кои внимателно ги разгледувам и ги реализирам за да бидам уникатна во работата.
Црнобело: Како и секој пејач, албумот е негов предизвик, ти во моментов го подготвуваш, што може да се очекува?
Викторија Лоба: Можете да очекувате многу нови песни од "новата" Лоба. На албумот ќе се најдат неколку постари композиции кои ми се многу драги меѓутоа фокусот секако ќе биде на материјалот кој го работев заедно со Роберт Билбилов и Марга Сол изминативе месеци. Ветуваме нови македонски хитови, компилација на песни преку кои слушателите ќе ја почувствуваат позитивната енергија.