Винчинијадата и грижата за вработенитe - долгогодишна традиција за Макпрогрес Виница
- Детали
- четврток, 27 октомври 2016
Вработените се најголемата вредност на една компанија. Од нивната мотивираност и задоволство зависат резултатите од работењето, a тоа се рефлектира на брендовите кои ги создаваат, на имиџот на компанијата. Токму затоа секоја година Макпрогрес Виница за своите вработени организира Винчинијада, која има за цел да го зајакне компанискиот дух, да поттикне заедништво и дружење, со цел постигнување задоволство и среќа кај своите вработени.
Овогодинешната тридневна Винчинијада се организираше во Лептокарија, Грција, каде вработените имаа можност да се дружат, подобро да се запознаат и секако да разменат корисни информации со цел унапредување на работењето и креирање уште подобри брендови.
Макпрогрес Виница години наназад инвестира во нови производствени капацитети, во нови брендови, во усовршување на производниот процес, но паралелно со тоа вложува и во своите вработени. Во нивна обука, доусовршување, во правилно распоредување на работните места, со цел секој да го даде својот максимум на работното место. А истовремено секој да се чувствува задоволен, сигурен и мотивиран. Затоа честопати организираме и неформални дружења за да разговараме меѓу себе, да слушнеме од нашите вработени кои се нивните совети и идеи, нормално во интерес на компаниските цели, изјави Глигор Цветанов, извршен Директор на Макпрогрес Виница, кој пред вработените го презентираше и планот за иднината на компанијата ,,Визија 2020”.
Винчинијадата како интеркомпаниски настан се одржува традиционално секоја година на различни локации, а со цел тимско дружење, спортски игри, забава и релаксација. Станува збор за мала неформална Олимпијада на спортски натпревари во пинг-понг, трчање, влечење јаже и фудбал за вработените во Макпрогрес, со однапред подготвени тимови и судии, а во која сите учесници покажаа силна посветеност, борбеност и тимски дух, а најдобрите добија награди и признанија.
Вработените не ја пропуштија можноста во чест на 26 годишното постоење на Макпрогрес Виница да организираат и хумантирана акција, во која учествуваа сите вработени со донација на средства, кои дополнително ќе бидат испратени до оние кои имаат потреба од помош.