Ико Брдароски: Се залагам за принципот на претпазливост и превенција
- Детали
- среда, 28 јануари 2015
Ико Брдароски, Менаџер за грижа на корисници во Пакомак, Друштво за управување со пакување и отпад од пакување, зборува за планираните активности и мерки, постигнатите резултати и за свеста на граѓаните кои полека но сигурно го прифаќаат фактот дека отпадот е ресурс.
1. Пакомак е добитник на една од Националните награди за Општествена одговорност во категоријата „Заштита на животната средина“ за еко-акцијата во скопските основни училишта која беше спроведена минатата година. Дали проектот продолжува и во 2015 година, ќе има ли некое надополнување или проширување?
Наградата за Општествена одговорност беше само уште една потврда дека нашите усилби се препознаени и вреднувани, бидејќи овој проект трае од 2012 година. На наше големо задоволство низ годините мотивираше, инспирираше и инволвираше многу семејства, а кај некои и трајно го смени начинот на кој гледаат и на кој се однесуваат со амбалажниот отпад, а нас не поттикна да ја развиваме, подобруваме и унапредуваме неговата платформа и да й дадеме дополнителна вредност. Она што минатата година успеавме да го реализираме во рамките на овој проект е и 3Д Еко автобусот, кој е содржина која ги плени учениците, ги едуцира, ги мотивира и ги забавува.
2. Во изминатиот период дониравте канти и контејнери во Битола, Неготино, Дојран, Охрид, Штип и Тетово, каква е свеста за рециклирање и селекција на амбалажниот отпад во внатрешноста на Македонија?
Во внатрешноста и во помалите средини, како и во руралните места сеуште се гради и создава чувството на одговорност кон амбалажниот отпад. Некои средини сеуште се борат со препознавање на проблемите, промовирање на принципите или поттикнување на мерките. Сите наши иницијативи имаат за цел да ги поттикнат граѓаните и компаниите на поодговорен однос кон животната средина и полека но сигурно и овие места почнаа да ги дефинираат своите правци на развој, стратешките проекти и активности за реализација.
3. Што највеќе влијае на процесот на собирање и на рециклирање на амбалажниот отпад?
Сите ние создаваме отпад, особено граѓаните во урбаните средини, но поглемиот дел не се грижи каде сето тоа ќе заврши, откако ќе го напушти домот. Правилното селектирање и грижа уште од дома за она што го оставаме зад себе, најмногу влијае на целиот процес. Затоа и во добар дел од нашите активности сме насочени во едукација на децата и подигнување на јавната свест, креирање на чувство на одговорност, обезбедување на точни и потполни информации со кои и граѓаните и компаниите ќе го увидат бенефитот од правилното однесување со амбалажниот отпад и заштитата на животната средина.
4. Како вие лично гледате на заштитата на животната средина, што вам лично највеќе ви пречи и за што се залагате?
Јас се залагам за принципот на претпазливост и превенција. Сметам дека секоја активност на поединците и на компаниите треба да биде планирана и спроведена на начин што предизвикува најмало можно влијание на животната средина и што претставува најмал ризик по животната средина, по здравјето на граѓаните и по опстанокот на живиот свет.
5. Дали вашите деца се под постојан надзор на вашето будно око за селектирање на амбалажниот отпад, кој го фрла отпадот во вашето семејство?
Ние сме едни од оние семејства кои ревносно носат амбалажен отпад од пластика во училиштето. Дома имаме повеќе места за одложување и за селектирање на амбалажниот отпад. Нашите барања од оваа средина како семејство, особено како семејство со деца не можат, не смеат да бидат несоодветни или некоректни во однос на начинот на кој живееме, со други зборови, не можам да очекувам од природата да ми обезбеди органски здрави домати, ако јас претходно оставам мастики, лименки и пластични шишиња на тревниците. Ние се однесуваме во хармонија со првиот закон на природата; сé е поврзано со сé останато.
6. Како се одвиваше и каков беше одзивот на овогодинешниот Trash for Art?
На почетокот на имплементирање на овој концепт можевме да насетиме и да идентификуваме, но не и да утврдиме колку драгоцен проект ќе биде ова за сите нас, особено за учесниците. Среќни сме што можеме да кажеме дека оваа година со повеќе од 160 пријавени дела во две категории поединци и училишта, достигнавме ниво на конкурс од национален интерес. Ќе продолжиме да работиме на оваа креативна визија за да им обезбедиме на сите идни артисти простор да се изразат, преку она во што повеќето гледаат само отпад.