„Преку нив газеле други деца, на раце изнесувале другари“ - Д-р Нико Беќаровски споделува потресни сведоштва од преживеаните

„Рани на младите недолжни души...Раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените, како топлината им го горела ждрелото, како чучнати во вецето го чекале судниот момент... Ноќните кошмари уште долги години ќе бидат нивен несакан ноќен придружник“ - вели во својата Фејсбук објава д-р Нико Беќаровски, за повредените кои се хоспитализирани на Клиниката за токсикологија. 

preku-niv-gazele-drugi-deca-na-race-iznesuvale-drugari-d-r-niko-bekjaroski-spodeluva-potresni-svedoshtva-od-prezhiveanite-01.jpg

По страотниот пожар кој се случи во дискотеката во Кочани, во кој 59 лица го изгубија животот, повеќе од 100 лица се повредени и хоспитализирани во нашите клиники, но и во многу други земји кои ја понудија својата помош. 

Доктор Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, на својот Фејсбук профил напиша трогателно сведоштво од она што им го раскажале пациентите кои се хоспитализирани таму. 

Оние кои се во подобра состојба, се среќни што успеале да се спасат, но никогаш нема да ја преболат загубата на своите блиски, ниту да ги избришат од глава сликите од таа ноќ, кои ги демнат постојано. 

Објавата на Фејсбук на доктор Нико Беќаровски, во целост гласи: 

РАНИ НА МЛАДИТЕ НЕДОЛЖНИ ДУШИ

На Универзитетската клиника за токсикологија хоспитализирани се дваесетина млади страдалници од хоророт кој го доживеаа во таканаречениот кабаре бар.

Од една страна среќни што сепак извлекле жива глава, задоволни што поминале со некоја полесна изгореница, сe уште со по некој гареж во нивните гради.

Но секој од нив има своја траорна приказна за ужасот кој го доживеале тие 10-30 минути.

Раскажуваат низ солзи, како преку нив газеле други деца бегајќи од пламените, како изнесувале на своите раце изгорени и јагленисени свои другари, како мирисот на изгорено човечко месо им ги парал ноздрите, како топлината им го горела ждрелото, како чучнати во вецето го чекале судниот момент и уште многу други лични трауми кои ги погодија овие прекрасни млади личности.

Тие раскажуваат, нас солзите сами нѝ навираат.

Ова се дваесетина индивидуални драми, но секој од тие петстотини невини фиданки, има своја приказна, своја лична траума. Драми кои не може да ги креира ниту Холивуд.

Физичките трауми ќе зараснат или ќе остават трајни физички дефекти, но душевните трауми уште долго или доживотно ќе бидат нивен следбеник.

Ноќните кошмари уште долги години ќе бидат нивен несакан ноќен придружник.

ЗОШТО ???

„За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови“

М. М. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Македонка со силна порака: „Зимава трипати бевме болни со децата - кога телото ми откажуваше, сфатив... „Како мајка на мали деца, очекувано ти е да има вакви епизоди. Но, признавам, не...
Мали хероини: Уште 2 предвремено родени бебиња се изборија за животите (едното родено со тежина од 5... Малата Амела била родена со тежина од само 550 грама во 6-иот месец од бременост...
Јелена Спенџарска објави видео за токсични врски - жена ѝ вели: „Имам пеколен брак, ама каде да одам... „Мојот телефон е повеќе негов отколку што е мој. Да види дали сум додала некој д...
„Родители внимавајте“: Нов опасен ТикТок предизвик во Македонија и регионот – деца завршија во болни... Предизвикот познат како „Супермен“ се прослави и кај нас, а веќе десетина деца с...
Имала 12 бракови, го врати внукот со аутизам кај мајка му и живее сама на село – Животната приказна ... „Имаше страшни моменти додека ги растев ќерките. Се случуваше да јадеме бисквити...
Димитар ја запроси саканата Стефани под ѕвезденото небо на Тунис (видео) „Тој порача шише вино во соба, но не ми беше чудно зашто често ми прави романтич...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg