Македонка, мајка на дете со аутизам, со вирална порака: „Намерно фрлија петарда покрај него, а тој ги затвори ушите и заплака“
- Детали
- понеделник, 30 декември 2024
„Го видов Леон како застанува, очите му се шират во паника, телото му се тресе од силниот страв. Во мигот кога петардата одекна, ги затвори ушињата и почна да плаче, изразувајќи страв што зборовите не можат да го опишат“, вели Амела Мемиш Апостоловска во својот вирален статус со апел до сите во новогодишниот период.
Амела Мемиш Апостоловска е мајка на две деца со посебна попреченост во развојот, Андреа и Леон.
Таа деновиве беше сведок на немил настан, кога деца фрлиле петарда во близина на нејзиниот аутистичен син Леон, а како што вели, за да ја гледаат неговата исплашена реакција.
Револтирана и згрозена од однесувањето на децата, за кои нејзиниот син мислел дека доаѓаат за да си играат со него, таа објави статус на Фејсбук, и го опиша настанот.
Но, таа апелираше до сите родители да разговараат со своите деца, да ги научат да ги прифатат различностите, а испрати и апел против фрлањето петарди.
Вели, освен што нејзиниот син бил исплашен, можно е некое дете и да се повреди со петарда во иднина.
Прочитајте го нејзиниот вирален статус:
„Драги родители, наставници и сите кои можат да придонесат за подобро општество, денеска, како мајка на дете со аутизам, го доживеав еден од најтешкиот момент кои го оставаат срцето скршено и душата тешка.
Мојот син Леон, кој секогаш носи невиност, радост и чистота во своето срце, беше изложен на момент кој го исплаши до сржта.
Додека уживавме во надворешниот свет, децата околу нас се чинеа дека ја користат својата енергија за игра и радост, но еден миг се претвори во кошмар за моето дете.
Петарда беше намерно фрлена во негова близина. Не беше тоа случаен настан, туку чин кој следеше со потсмев кон него поради неговата реакција, потег кој го засегна најчувствителниот дел од неговата душа.
Леон, дете со аутизам, нежно дете, со својата сензитивност која го прави посебен, беше преплашен.
Го видов како застанува, како му се шират очите во паника, како телото му се тресе од силниот страв.
Во мигот кога петардата одекна, неговото срце, кое обично пулсира со радост, започна да чука забрзано силно, како предупредување на опасноста.
Во тој момент ги затвори ушињата и почна да плаче, а солзите му течеа како река, изразувајќи страв што зборовите не можат да го опишат.
Се упати со силен писок кон мене, бегајќи од местото каде што беше фрлена петардата, барајќи заштита, прибежиште, мир.
Со раширени раце го прегрнав, а тој се стутка во моите гради, како да сака да се скрие од светот.
Телото му беше вкочането од шокот, а силното срцебиење ја оддаваше неговата внатрешна борба меѓу стравот и надежта дека е на сигурно.
Овој момент ми го скрши срцето. Но, повеќе од тоа, ми даде уште поголема сила да проговорам за потребата од свест, разбирање и емпатија.
Никое дете не заслужува да помине низ ваква траума. Леон не беше само исплашен од звукот на петардата, тој беше повреден од недостигот на емпатија, од непочитта кон неговата ранливост и верувањето дека децата ќе сакаат да си играат со него.
Затоа, ве молам, драги родители, одвојте време да разговарате со вашите деца. Објаснете им дека постојат деца кои се различни, но исто така прекрасни, како Леон.
Научете ги дека играта не треба да биде на сметка на туѓата болка. Научете ги дека различноста е богатство, а не причина за потсмев.
Исто така, запомнете дека петардите не се само опасност за децата како Леон, туку и за вашите деца. Повредите од нив може да бидат сериозни и трајни.
Но, уште посериозни се повредите што ги оставаме во душите на другите кога не покажуваме емпатија.
Нека оваа порака стигне до многумина. Нека ги поттикне родителите, наставниците и сите нас како заедница да ја градиме културата на почит и разбирање.
Само така ќе создадеме свет каде секое дете и Леон, и вашето ќе може да расте во мир, сигурност и радост“.
А. Ј. | Црнобело