Бојан Трајковски од Скопје: „Го заменив автомобилот со велосипед - штедам пари и побргу стигам секаде“
- Детали
- вторник, 26 ноември 2024
„Нема повеќе плаќање за паркирање (приближно 100 евра годишно), штедам на гориво (7.000km во 16 месеци со велосипед, па направете ја математиката), намалив на стресот предизвикан од сообраќајни гужви...“, вели Бојан Трајковски.
Бојан Трајковски е дечко од Скопје кој се грижи за околината и се труди колку што е можно помалку да ја загадува, па дури и да помогне со акции како собирање на отпад.
Пред 16 месеци тој направи уште една промена во животот, којa е навистина еко пријателски потег, односно го замени автомобилот со велосипед.
Бојан Трајковски споделува:
„Пред 16 месеци, донесов одлука да преминам од користење на автомобилот како мој главен начин на транспорт, на возење велосипед — и какво уживање беше тоа!
Бенефициите се бесконечни:
- Нема повеќе плаќање за паркирање (приближно 100 евра годишно)
- Штедам на гориво (7.000km во 16 месеци со велосипед, па направете ја математиката)
- Намалив на стресот предизвикан од сообраќајни гужви
- Заработувам драгоцено време — всушност сум побрз со велосипед, отколку со автомобил во Скопје!
- Тој момент на фрустрација кога бев заглавен во сообраќај се претвори во моменти на рекреација, уживање и длабока поврзаност со Скопје.
- Велосипедизмот ми донесе слобода на движење и подобро здравје.
Дополнителен бонус? Тоа е мал, но значаен чекор кон почисто опкружување.
Ако барате начини за подобрување на квалитетот на животот, заштедување пари и придонесување за поздрава планета, силно ви препорачувам да размислите за оваа промена.
Започнете и ќе се изненадите од разликата која ќе ја почувствувате — за себе и за светот околу вас.
Да „педалираме“ заедно кон посветла и поздравја иднина!“
Бојан, покрај во Македонија, со велосипед обожава да се движи и во странство.
Погледнете повеќе негови фотки:
С. С. | Црнобело