Позитива на денот: Учениците од „Никола Карев“ направија куќички за бездомни животни – прво пет-френдли училиште во земјава
- Детали
- петок, 22 ноември 2024
„За кучето Коста се шегуваме дека ни е најредовен ученик, што живее во училиштето. Токму тој е најголема инспирација за учениците да направат куќички за бездомни животни, но и многу изработки кои ги продаваа на хуманитарниот настан“ – вели за CRNOBELO.com професорката Мила Михајловиќ, откако синоќа СУГС „Никола Карев“ официјално стана прво пет френдли училиште во земјава.
Помеѓу другите позитивни вести кои нè израдуваа неделава, посебно ја издвојуваме оваа која ќе им ги стопли срцата на сите вљубеници во животните.
На 21.11.2024 во скопската гимназија „Никола Карев“ се одржа промоција на „pet friendly“ училиштен клуб, со што училиштето стана прво пет френдли во земјава.
Настанот беше од хуманитарен карактер, за помош на бездомните животни, а беше целосно поттикнат и организиран од страна на учениците со поддршка од професорите на гимназијата, кои со својата волја и иницијатива покажаа дека светот може да биде подобро место за живот.
Во холот на училиштето имаше базар на кој се продаваше храна во вид на мафини, чај, кафе, сок, но и разни рачни изработки направени од учениците, кои може да се искористат за кучињата - посетителите уживаа во музика и активности, а се одржа и избор за најфотогеничен миленик.
Плетени и шиени бандани, панделки, шалчиња, капи, играчки се само дел од изработките на учениците кои можеа да се купат, а секој посетител можеше да остави и своја донација за бездомните кучиња, како храна, ќебиња и сл.
„Целата идеја за клубот и сите активности кои успешно се реализираа беа возможни само заради помошта која несебично ни ја пружија професорките Мила и Марина.
Вчерашниот настан помина преубаво од секој можен аспект и сме многу благодарни за целата помош и поддршка. Ова е само почеток на нашата беспрекорна соработка и ве очекуваме повторно на пролет со нови активности“ - изјави Миа, ученичка во гимназијата.
Сите собрани средства и донации од хуманитарниот настан ќе бидат донирани во јавното претпријатие „Лајка“, кои го поддржаа настанот, а свој штанд имаа и Факултетот за ветеринарна медицина, кој беше забавен и едукативен, со квизови за децата, но и покажуваа како да дадат прва помош на животните.
За настанот, учениците на гимназијата со помош од својот професор ментор изработија дрвени куќарки за бездомни кучиња, а во една од нив веќе живее Коста, кучето кое практично само се вдомило во објектот на училиштето.
„Коста е мало, симпатично, пргаво кученце кое едноставно ги освои срцата на учениците и професорите во целата гимназија. Со колегите честопати знаеме да се пошегуваме дека тој е нашиот најредовен ученик, без ниту еден изостанок.
Всушност, Коста е и најголемата инспирација за создавањето на куќичките кои ги изработија учениците, со помош на Александар, професорот по ликовна уметност. Од стари, уништени и неупотребливи училишни клупи, учениците направија три прекрасни куќички каде Коста и неговите шепасти другари оваа зима ќе можат да се сокријат од студот.
Идејата е Pet Friendly клубот на Карев да прерасне во традиција која низ низа активности и настани ќе им помага на животните на кои им е најпотребно. Исто така, формирањето на овој клуб е од исклучителна важност за подигнувањето на емпатијата, свеста и општествената грижа кај младите, како и за негувањето на нивното ментално здравје.
Ова е само почеток на нашата приказна, која нѐ води кон создавање на подобро општество во кое секој млад човек ќе се почувствува одговорен за светот околу него“ - вели за CRNOBELO.com професорката Мила Михајловиќ.