Модата на црвениот тепих на втората вечер на „Макфест“ 2024
- Детали
- недела, 27 октомври 2024
Што облекоа познатите личности кои присуствуваа во публиката, а што облекоа водителите и учесниците? CRNOBELO.com беше дел од втората вечер на фестивалот „Макфест“ 2024. Погледнете дел од фотографиите на црвениот тепих.
Синоќа (26.10) во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се одржа втората вечер на најстариот фестивал на забавни мелодии во Македонија, „Макфест“.
Ако во рамки на првата вечер, која се одржа ден претходно, имавме можност да ги видиме дебитантите, синоќа на сцената имавме враќање на голем број звучни музички имиња на домашната сцена.
Елена Ристеска, Дарио, Дани Димитровска, Антониа Гиговска… Ова се само дел од музичарите што синоќа се претставија со нови песни пред публиката, но и пред гледачите на ТВ екраните.
Годинава, по подолго време беше вратен оркестарот на сцената, па така нашите звучни музички имиња имаа изведби во живо.
Веруваме дека голем дел од песните што ги испеаја ќе станат хитови.
Инаку, повторно водители на вечерта беа Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски, додека специјални водители беа Снеже Велков, Стојан Трпчевски, Ранко Петровиќ, Ангелка Пеева Лауренчиќ и комичарот Бојан Велевски.
Во публиката, забележително беше присуството на голем број познати јавни личности и музичари кои продефилираа на црвениот тепих и се фотографираа пред настанот.
Инаку, ова беше 39-то издание на популарниот фестивал, а уметничкиот директор Роберт Саздов, во кратка изјава за медиумите рече дека за наредното 40-то издание се планира уште поголем спектакл.