Дани Димитровска: „Станав мајка на 21 година, сите мои другарки излегуваа во град, јас бев дома со гу-гу“
- Детали
- петок, 18 октомври 2024
„Факт е дека не го гледав бебето сама, имав два пара баби и дедовци, кои секогаш беа тука за сè и сешто како војници, а јас си играв со малиот, јас бев таа што го занимаваше, бев баш дете и растевме заедно...“, вели Дани Димитровска за раѓањето на синот Лазар на 21 година.
Дани Димитровска гостуваше во поткастот „Тивка Врева“ на Пеце од „Суперхикс“, каде го сподели своето искуство од младоста кога станала мајка на само 21 година.
Темата на поткастот е поткревање на свеста за малолетничката бременост во кој покрај Дани, гостинка беше и социјалната работничка Наде Тофовска.
Целта е да се алармира на оваа тема бидејќи во македонското општество просекот на малолетничката бременост е трипати над европскиот.
И целта е пристап до точни информации поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје, за да се спречи несакана малолетничка бременост.
Сепак, Дани нагласува дека таа не била малолетна кога останала бремена, таа прво се свршила со партнерот, па бременоста дошла отпосле.
Нејзиното искуство со сите позитивни и негативни аспекти на тоа да се стане толку рано родител:
„Сите мои другарки излегуваа во град, се дотеруваа, си купуваа облека, зборуваа за дечковци, а јас бев дома со „гу-гу“, „баба“, „дада“...
Реално ми се скратија тие некои младешки, авантуристички искуства, но тоа не го испланирав, едноставно се случи.
Прво ми се случи веридба, брак и тогаш бременост, значи прво се свршивме, па дури потоа дојде бременоста, која си ја прифатив како предизвик, бидејќи и тогаш бев полна со енергија, како и сега, и прифаќав предизвици без оглед на сè.
Не гледав што би било кога би било, не правев математики, туку ‘Во ред, трудна сум, што правиме сега? – Ништо, и онака сме заедно, ќе си имаме бебенце’.
Реално, бебето го доживував како некаква играчка, ми беше многу забавно, иако ми се скратија излегувањата со моите другарки, друго нешто и не видов како некаков си негативен момент.
Факт е дека не го гледав бебето сама, имав два пара баби и дедовци, кои секогаш беа тука за сè и сешто, кои беа како војници и кажуваа ова вака треба да се направи, ова вака треба, а јас си играв со малиот, јас бев таа што го занимаваше и ми беше интересно, бев баш дете и растевме заедно.