Наш судија-херој спаси живот на фудбалер (19) и уште 4 позитивни вести кои нè израдуваа оваа недела
- Детали
- петок, 04 октомври 2024
Жена побара помош преку Фејсбук групата „Стари скопјани“ и успеа да го пронајде велосипедот кој го изгубило лице со деменција. Кои други позитивни вести од Македонија нè израдуваа оваа недела?
Да ја завршиме и оваа работна недела со неколку позитивни вести, кои сигурно на сите ќе ни го подобрат расположението.
Во многуте „црни вести“ и денес внесуваме малку светлина.
Кои позитивни вести од Македонија нè израдуваа оваа недела?
Скопјани здружени пронајдоа изгубен велосипед
Преку Фејсбук групата „Стари скопјани“ жена побара помош од сограѓаните за да пронајде велосипед.
Таа напиша дека лице со деменција го заклучило велосипедот некаде низ населбата Аеродром, па не може да се сети каде е.
„Ве молиме за помош добри луѓе. Можеби објавата не е за овде, но имаме сериозен проблем.
Возрасно лице со доза на деменција тргнал сам на лекар со велосипед, кој според негово кажување му се расипал и го заклучил со ланец за некој метален столб.
Тој се врати дома. Локацијата каде е велосипедот не умее да ја каже.
Велосипедот е години стар, без некоја висока вредност, но човекот е емотивно врзан за него и според однесувањето се менува неговата состојба.
Локацијата би требало да е некаде во реонот на стар Аеродром, женски модел - бел со розеви цветови“.
Брзо потоа таа им се заблагодари јавно на сите, бидејќи заедно успеале да ги најдат.
„Со добро луѓе не губиме надеж за подобра иднина. Голема благодарност за сите“, напиша жената.
Фудбалски судија му го спаси животот на 19-годишен играч на натпревар во Голема Речица
На третолигашкиот натпревар во Голема Речица, главниот судија Дарко Радески, со брза интервенција го спасил животот на 19-годишен фудбалер.
Фудбалерот Блертон Шабани добил удар со топката во главата и паднал на теренот, удирајќи со главата во земја.
Тој изгубил свест, но судијата Радески веднаш го забележал тоа, пристигнал навреме до момчето и му го извадил голтнатиот јазик.
Младиот фудбалер го продолжил натпреварот.
Ученикот Дамјан Давков од Штип освои сребро на Балканска олимпијада по информатика
Дамјан Давков од Штип, кој учи во Математичко-информатичката гимназија во Скопје, освои сребрен медал на 31. Балканска олимпијада по информатика.
Годинава Олимпијадата за информатичари се одржа во Охрид во организација на Здружението на информатичари на Македонија.
На натпреварот учествуваа педесетина учесници од 15 земји од поширокиот Балкански регион.
Катерина Шиповиќ направи неверојатен подвиг и истрча 246km
Катерина Шиповиќ е вистинска спортска хероина, откако успешно го заврши „Спартатлон 2024“ во Грција и истрча неверојатни 246km за 34 часа и 29 минути.
Оваа делница се трча по тешки предели, планини и патишта.
Катерина е балканска првенка во ултрамаратон во 24 часовно трчање и државен рекордер со истрчани 211 километри за 24 часа.
Првиот македонски долгометражен анимиран филм има светска премиера
„Јон Вардар против галаксијата“ е првиот долгометражен анимиран филм во Македонија, а својата светска премиера ќе ја има во Шпанија (на 05.10, сабота), на еден од најстарите и најзначајни жанровски фестивали во светот Sitges Film Festival.
Режисер на овој прв македонски долгометражен анимиран филм е Гоце Цветановски.
„Јон Вардар против галаксијата” ќе ве однесе меѓу планетите заедно со еден смотан човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани, а ќе имаат мисија да ја спасат Галаксијата од самите себе.
Доколку сакате да споделите некоја убава и позитивна приказна од вашето секојдневие, која ви се случила вам или на која сте биле сведок, пишете ни на Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
А. Ј. | Црнобело