Денес е строг пост – Се одбележува празникот „Отсекување на главата на свети Јован Крстител“
- Детали
- среда, 11 септември 2024
Некои православни христијани веруваат дека денес не треба да се јаде ништо од чинија, ниту пак да се консумира храна во црвена боја. Се слави празникот „Отсекување на главата на свети Јован Крстител“.
Денес (11.09) православните христијани го слават празникот „Отсекување на главата на свети Јован Крстител“, кој во православниот календар е означен како ден за строг пост.
На свети Јован Крстител му се посветени вкупно шест празници во текот на годината, а денешниот празник е посветен на смртта и страшната неправда што тој ја доживеал.
Имено, свети Јован му се спротивставил на господарот на Галилеја, Ирод Антипа, заради што бил затворен во занданите.
Како што се посочува во Библијата, Ирод бил оженет за ќерката на арапскиот кнез Арета, но одлучил да ја протера својата законска жена и незаконски ја зел за партнерка Иродијада, жената на неговиот брат Филип.
Кога свети Јован отворено се спротивставил и ги разобличил незаконските одлуки на владетелот, тој бил фрлен во затвор.
За време на една забава во домот на Ирод, пред гостите играла Салома, ќерката на Филип и Иродијада.
Владетелот бил пијан и занесен од танцот на неговата внука, па ѝ ветил дека ќе ѝ даде сè што ќе посака.
Салома, поучена од мајка си, Иродијада, ја побарала главата на свети Јован Крстител.
По ова, главата на светецот била отсечена и на чинија му била однесена на Ирод.
Учениците на Јован, ноќе го зеле неговото тело од затворот и чесно го погребале, а главата останата кај владетелот.
Иродијада го прободела со игла неговиот јазик и ја закопала неговата глава на нечисто место.
Според народните верувања, на денешен ден треба да се консумира само посна сува храна, па некои верници веруваат дека треба целосно да се избегнува употреба на чинија, но и да не се консумира храна во црвена боја.
Според црковните правила, пак, ако празникот се паѓа во работен ден, треба да се придржувате до правилата за строг пост, а ако пак се паѓа за викенд, тогаш се дозволува употреба на масло и вино.
Исто така, се верува дека денес не треба да се работат тешки работи, а во минатото се верувало дека на овој празник треба да се собираат лековити билки за здравје.
Традиционално, овој празник масовно се одбележува во манастирот Свети Јован - Бигорски. чијшто патрон е токму светецот Јован Крстител.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: freepik.com