Горди сме! Јан Стојановски освои злато на Европската олимпијада по физика
- Детали
- петок, 19 јули 2024
Браво! Средношколецот Јан Стојановски ѝ ја донесе на Македонија првата златна медала на една Европска олимпијада по физика.
Македонија освои златен медал на Европската олимпијада по физика, која денес заврши во Кутаиси, Грузија.
Младиот Јан Стојановски, кој претходно има освоено неколку златни, сребрени и бронзени медали на големи натпреварувања, запиша уште еден успех во својата биографија.
Ова е прво злато на Јан на Европските првенства, но и прво злато за Македонија, со што тој постигна историски успех за нашата земја.
Веста за успехот на Јан за споделија од Друштвото на физичарите на Република Македонија, преку нивната фан страница на Фејсбук.
„Нашиот генијалец Јан Стојановски, денес го освои првиот златен медал за Македонија на 8. Европската олимпијада по физика која од 15 до 19 јули 2024 година се одржа во Кутаиси, Грузија.
Честитки за Јан за кој ДФРМ не се сомневаше дека ќе го донесе првото историско злато од оваа Олимпијада, имајќи ги во предвид неговото знаење од физика како и досегашните освоени награди на Олимпијадите по физика: сребрен медал на 7. Европска олимпијада по физика минатата година во Хановер, Германија, бронзениот медал на 53. Меѓународна олимпијада по физика одржана во Токио, Јапонија во 2023 година и златниот медал на 5. Балканска олимпијада по физика одржана во Никозија, Кипар во 2022 година.
Од се срце ти го посакуваме и златниот медал на Меѓународната олимпијада по физика која од 21 до 29 јули 2024 година ќе се одржи во Исфахан, Иран.
На Олимпијадата, покрај Јан Стојановски кој е ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ Скопје, награди за успешно учество (пофалници) добија и Матеј Гелев ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ Скопје, Емилија Николовска, ученичка во Математичко Информатичката Гимназија во Скопје и Димитриј Анѓеловски, ученик во СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје.
Достојно ја престави својата држава и го покажа своето знаење на оваа олимпијада и Дамјан Стојанов ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје.
Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.
На 8. Европска олимпијада која се одржа од 15 до 19 јули учествуваа 54 држави и тоа 36 држави од Европа и 18 држави надвор од Европа. Секоја од државите на Олимпијадата имаше право да учествува со тим од 5 ученици“, пишува, меѓу другото, на Фејсбук.
Прочитајте ја целата објава:
ПРВО ЗЛАТО ЗА МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКАТА ОЛИМПИЈАДА ПО ФИЗИКА! 🏅 Нашиот ГЕНИЈАЛЕЦ Јан Стојановски, денес го освои првиот...
Posted by Друштво на физичарите на Република Македонија on Friday, July 19, 2024
A. J. | Црнобело