Славчо Попоски, метеоролог: „Топлотен бран до крајот на неделата – температури до 40˚C, но и можност за невреме“
- Детали
- понеделник, 08 јули 2024
„Утре (вторник), во попладневните часови ќе има нестабилност, особено во западните предели од државата“, вели метеорологот Славчо Попоски.
Покрај екстремно високите температури кои на некои места се очекува да надминат и 40 степени Целзиусови, неделава можно е да се создадат услови за невреме.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски:
„Територијата на Македонија, сè до крајот на оваа седмица, ќе се наоѓа под влијание на екстремно топла воздушна маса која продира од северните предели на Африка.
Токму поради ова, температурите насекаде ќе надминуваат 30 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели, како и во Скопската Котлина, тие ќе се искачат и до 40 степени Целзиусови.
Не се исклучува можноста температурата локално во централните и во југоисточните предели да надмине и 40 степени Целзиусови.
УВ индексот ќе има многу висока вредност 9, па поради ова апелираме граѓаните без потреба да не излегуваат во најтоплиот дел од денот, односно од 11 до 17 часот, но и да пијат повеќе течности.
Времето и понатаму ќе биде сончево со појава на мала до умерена локална облачност.
Сепак оваа седмица атмосферата нема да биде во целост стабилна, па така во попладневните часови ќе има изолирана појава на нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а можна е и појава на краткотрајно невреме.
Утре (вторник) ќе има нестабилност во попладневните часови, особено во западните предели од државава“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук, freepik.com