Славчо Попоски, метеоролог: „Температури и до 41 степен Целзиусов, благо заладување дури во четврток“
- Детали
- понеделник, 10 јуни 2024
„Во најтоплите централни и југоисточни предели од земјата, температурите локално ќе достигнат и до 40-41 степен“, вели метеорологот Славчо Попоски.
По периодот на обилни врнежи од дожд, соочени сме со топлотен бран со мошне високи температури.
Низ скоро цела Македонија, температурите се искачуваат над 35-тиот степен, а топлото време ќе продолжи и во наредните неколку денови.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски:
„Овој многу топол бран, кој продира од северните предели на Африка во Македонија, својот максимум ќе го достигне во вторник и во среда (11-ти и 12-ти јуни).
Тогаш максималните дневни температури на воздухот насекаде низ Македонија ќе надминуваат 30 степени, на повеќето места тие ќе се искачат и до околу 35 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели тие локално ќе достигнат и до 40-41 степен.
УВ индексот овие два дена ќе има многу висока, до екстремно висока вредност и неговиот коефициент ќе изнесува некаде помеѓу 8 и 9. Токму поради ова ги советуваме граѓаните да пијат повеќе течности, и секако, без потреба да не излегуваат во најтоплиот дел од денот.
Во Скопје максималната температура на воздухот за време на максимумот на овој топол бран ќе се искачи до околу 37 степени.
Да напомниме дека следната седмица, и тоа особено во најтоплите централни и југоисточни предели, ноќите ќе бидат тропски, односно температурите во ноќните и во раните утрински часови нема да се спуштаат под 20 степени.
Мало освежување на времето не очекува дури во четврток (13-ти јуни)“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук, freepik.com