Каролина зрачеше со сексапил на концертот во Скопје: „На 1-ви март добивам повеќе честитки отколку на роденден“
- Детали
- сабота, 02 март 2024
Каролина повторно покажа зошто е нашата поп-кралица: два часа пееше и играше, му посвети песни на Тоше, а не криеше дека и таа одлично се забавува на својот концерт.
Во преполната дискотека Pure во Скопје, Каролина Гочева вчеравечер (01 март) одржа интимен и моќен концерт. Му посвети неколку композиции на Тоше Проески, ги пееше песните кои беа хитови пред 20 години, но и последните кои ги издаде лани.
И за цело тоа време не застана, играше со публиката и не криеше колку и самата се забавува на својот настап, понесена од емоциите на своите фанови.
„За 1-ви март добивам повеќе честитки отколку за роденден, искрено. После толку години, време беше да се видиме и на овој ден“, ѝ се обрати таа на публиката на почетокот на концертот.
Настапот го започна со „Тој“, по што се нижеа „Без оглед на сè“, „За нас“, „Сакај ме“, „Милениум со тебе“, „Само за тебе“, „Умирам по тебе“...
За „Капка под небото“ откри дека ѝ е омилената песна, а за своја душа, но и за мерак на публиката му посвети мал дел и на Тоше Проески, па ги испеа „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ и нивната дуетска песна „Немир“.
„Ќе пеам песна која не сум ја пеела повеќе од 20 години, се надевам нема да го згрешам текстот“, рече во еден момент Каролина и се изненади што публиката ги знае сите нејзини песни, дури и оние што беа хитови пред две децении.