Родово заснованото насилство – комплексен проблем со единствено решение
- Детали
- петок, 15 декември 2023
Габриел Гуалано де Годој, Претставник на УНХЦР во Северна Македонија
Секоја година, на 25 ноември, меѓународната заедница се обединува да ја повтори својата заложба за искоренување на насилството против жените.
Датумот беше предложен до Генералното собрание на Обединетите нации во 1999 од страна на Доминиканската Република со поддршка од 74 Држави, во чест на животот на сестрите Мирабал, три доминикански жени кои беа брутално убиени за време на диктатурата на Рафаел Леонидас Трухиљо.
Речиси половина од мојот живот го поминав работејќи за УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, во повеќе држави и претходно бев во Санто Доминго, каде сестрите Мирабал или „Пеперутките“, како што ги нарекуваат таму, се сметаат за вистински хероини.
Кампањата 16 дена активизам од 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените – до 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права – ни нуди платформа да ги запомниме и да им оддадеме чест на минатите и сегашните жртви на родово засновано насилство и да ја подигнеме свеста на темата со цел да спречиме такви случаи во иднина. Датумите за кампањата исто така беа одбрани за да се направи врска помеѓу насилството врз жените и човековите права и да се потенцира дека родово заснованото насилство е кршење на човековите права.
Значително е пораснат бројот на луѓе кои бегаат од прогон насекаде во светот, вклучително и од сексуално и родово засновано насилство. Податоците на УНХЦР покажуваат дека во моментов има 114 милиони присилно раселени лица, а 51 процент од нив се жени и деца.
Кога исто така ќе го додадеме фактот дека 75% од бегалците во светот се прифатени во држави со низок и среден приход кои често ги немаат потребните ресурси за да ја обезбедат соодветната поддршка, тогаш нè удира суровата реалност – жените и девојчињата бегалки не се само поизложени на насилство и злоставување, туку во исто време, тие имаат уште помалку пристап до заштита и услуги за поддршка.
За време на кампањата 16 дена активизам против родово засновано насилство, клучно е да ги запомниме предизвиците со кои се соочуваат присилно раселените жени. Раселувањето често носи ризици кои се некажани или тешки да се забележат. Скорешните податоци покажуваат дека ризикот од насилство од интимен партнер е 20% повисок за присилно раселените жени. Родово заснованото насилство може да се случи во кој било момент од раселувањето, пред или за време на бегањето, за време на движењето и кога ќе се стигне во безбедна држава. За ова време, жените може да се разделени од своите семејства и да немаат пристап до услуги за репродуктивно здравје и основни потреби, како засолниште. А, овие фактори го зголемуваат ризикот од претрпување родово засновано насилство и често се причината заради која луѓето бегаат. Важно е да се спомене дека сексуалното насилство и други типови родово засновано насилство можат да претставуваат основа за давање бегалски статус.
Родово заснованото насилство има многу последици по поединците и семејствата, а најголемиот дел од нив траат долго време. Тоа нанесува штета на физичкото и менталното здравје, како и психосоцијалната добросостојба. Дополнително, може да се појават социјална стигма и исклучување, што често води кон недоволно пријавување на овој вид кршење на човековите права.
Во Северна Македонија, УНХЦР им обезбедува техничка помош на властите со цел да се осигура дека бегалките и жените и девојчињата без државјанство кои имаат преживеано родово засновано насилство да имаат пристап до специјализирани механизми на заштита, без разлика на нивното потекло или статус. УНХЦР работи со партнерите за да обезбеди бесплатна правна помош и навремена психолошка поддршка, на јазик кој ним им е разбирлив, преку обучени правници, психолози, социјални работници и толкувачи.
Да ја искористиме кампањата за да ги идентификуваме можностите за зацврстување на нашите сојузи и да побараме координирана заштита и инклузија за да го спречиме и искорениме родово заснованото насилство. Бегалките и жените без државјанство мораат целосно да бидат вклучени во јавните политики и услугите без дискриминација.
Нашата Агенција ја обновува заложбата да ги намали ризиците за родово засновано насилство во нашиот регион преку интервенции за заштита и одговор, организирани во партнерство со заедниците со кои работиме, невладините организации, соговорниците од владата и заедниците-домаќини, секогаш гледајќи низ призмата на возраста, родот и различноста, а применувајќи пристапи засновани на заедниците, со фокус на жените кои го преживеале насилството и почитувањето на правата.
Сите мораме да работиме во насока на заштита и инклузија будејќи тоа се фактори кои водат кон одржлив развој. Само кога секој се чувствува безбедно и целосно вклучено, таа или тој може да придонесе кон развојот на општеството кое не остава никого исклучен.