Денес се слави Свети Андреј Првоповикан – Среќен именден Андреј, Андреја, Андријана
- Детали
- среда, 13 декември 2023
Светиот Андреј бил првиот од 12-те христови апостоли. Човекот кој прв го препознал Исус како месија и тргнал по неговите стапки. Трпезите на славите и имендените треба да бидат посни, а дозволено е да се консумира масло и вино, но не и риба.
На 13-ти декември православните христијани го слават Свети Андреј Првоповикан, кој се смета за првиот Христов апостол и кој, слично како и Исус Христос, пострадал на крстот.
Ова е денот кога повеќе семејства слават домашна слава, а именден слават Андреј, Андреја Андријана... Со оглед на тоа што празникот се паѓа во рамки на божиќниот пост, трпезата на славата треба да биде посна, а дозволено е да се консумира вино и масло, но не и риба.
Свети Андреј бил брат на светиот апостол Петар и тие двајцата биле рибари. Најпрво Андреј бил ученик на Свети Јован Крсител, но кога Јован со прст покажал кон Исус и рекол: „Еве го јагнето Божјо“, свети Андреј тргнал по месијата и веќе никогаш не се одделил од него.
Заради тоа се смета дека Свети Андреј бил првиот христов апостол и уште се нарекува Првоповикан.
Свети Андреј ја проповедал христовата вера во Византија и Тракија, а потоа во земјите по течението на Дунав, но и во Русија и околу Црното Море, па на крај во Епир, Грција и Пелопонез.
Во градот Петра, во денешен Јордан, Свети Андреј успеал да собере голем број ученици, меѓу кои и братот и сопругата на царскиот намесник Егеат.
Егеат бил гневен заради ова, па почнал да го измачува Свети Андреј и на крај го распнал на крст. Собраните луѓе сакале да го ослободат, но Свети Андреј не дозволил, по што почнал да му се моли на Бога и притоа бил осветлен од некоја необична светлина.
По половина час, светлината ја снемало, а Свети Андреј ја предал душата на Бога. Тој е прв од 12-те големи апостоли кој го препознал Бога и тргнал по него.
Неговите мошти биле пренесени во Цариград, а подоцна главата му била однесена во Рим, а едната рака во Москва.
Б. С. Б. | Црнобело